Џо Бајден е избран за 46. претседател на САД, јавуваат американските медиуми. Бајден испрати официјално соопштение во кое се вели дека сега е време САД да се обедини и да се стави крај на гневот и поделбите.
„Чест ми е што граѓаните на Америка ми ја дадоа довербата мене и на заменичката Камала Харис. И покрај многубројните пречки, граѓаните излегоа на гласање во рекорден број. Со тоа докажавме уште еднаш дека демократијата бие длабоко во срцето на Америка“,
се вели во писмената изјава на Бајден, пренесе Си-ен-ен.
Тој додава дека сега е време за обединување на поделеното општество во САД.
„Сега кога кампањата е готова, време е гневот и грубиот говор да го оставиме зад нас и да сплотиме како нација. Време е Америка да се обедини и да заздрави. Ние сме Соединети Американски Држави и нема ништо што не можеме заеднички да направиме“,
додава Бајден.
По прогласувањето негова победа во Пенсилванија, која носи 20 електроски гласови, Бајден има 273 електорски гласови од неопходните 270. Пребројувањето на гласовите продолжува во Пенсилванија, Џорџија, Аризона, Невада, по што ќе следи и официјална потврда на резултатите.

Историски момент е и тоа што САД по првпат ќе има жена потпретседател на државата, Камила Харис, која е со афроамериканско и индиско потекло.
Актуелниот претседател Доналд Трамп најави дека неговиот правен тим ќе поднесе повеќе тужби во судовите за ги оспори резултатите.