Со емотивни, но и лути забелешки, Бајден ги негираше наводите на специјалниот советник Роберт Хур дека неговата меморија била ограничена, зашто кога обвинителите го интервјуирале не можел да се сети на годината кога почнал да служи како потпретседател на претседателот Барак Обама или на годината кога починал неговиот син Бо
Американскиот претседател Џо Бајден ги демантираше изјавите дека има проблем со меморијата откако извештај од Министерството за правда ја доведе во прашање неговата способност да запомни клучни настани и факти од животот, како и годината кога починал неговиот син, пренесува „Гардијан“.
„Моето сеќавање е добро“,
рече тој на прес-конференција во Белата куќа.
Ова уште еднаш ја доведува во прашање неговата способност да биде на функцијата претседател, токму пред претседателските избори во САД во ноември.
Со емотивни, но и лути забелешки, Бајден ги негираше наводите на специјалниот советник Роберт Хур дека неговата меморија била ограничена, зашто кога обвинителите го интервјуирале не можел да се сети на годината кога почнал да служи како потпретседател на претседателот Барак Обама или на годината кога починал неговиот син Бо.
„Има дури и упатување дека не се сеќавам кога починал мојот син. Како, по ѓаволите, некој се осмелува да зборува за тоа? Не треба никој да ме потсетува кога Бо почина“,
рече Бајден за својот син, кој почина од рак на мозокот во 2015 година.
Бајден е најстариот американски претседател во историјата на САД: Доколку биде повторно избран на следните претседателски избори, би имал 86 години на крајот на вториот мандат.
Во извештајот на специјалниот обвинител на Министерството за правда, Роберт Хур, се наведува дека Бајден неправилно чувал доверливи документи додека ја извршувал функцијата потпретседател на САД. Сепак, Бајден нема да биде обвинет за тоа.
Во извештајот на Хур пишува дека кога како дел од истрагата разговарал со 81-годишниот американски претседател повеќе од пет часа, Бајден не можел ни да се сети кога починал неговиот син Бо.
Хур вели дека Бајден намерно ги задржал и ги открил материјалите, вклучително и документите за воената и надворешната политика на САД во Авганистан. Извештајот вклучува фотографии од документи во оштетена картонска кутија во гаражата на неговиот дом во Делавер.
Во својот говор, Бајден го нарече погрешен наводот дека намерно ги задржал документите.
Меѓу причините што Хур ги наведе со цел да не подигне обвинение беше загриженоста дека поротниците нема да веруваат дека Бајден свесно ги чувал документите.
„Би било тешко да се убеди поротата дека треба да го осудат, тогаш поранешен претседател веќе во неговите 80-тите години за сериозно кривично дело“,
рече Хур.
Според извештајот на Хур, документите кои биле најдени кај Бајден вклучуваат рачно напишана белешка до тогашниот претседател Обама во 2009 година, во која се спротивставуваа на планираниот наплив на војници во Авганистан и рачно напишани белешки поврзани со разузнавачките брифинзи и состаноци за национална безбедност.
Чувствителни записи биле пронајдени во 2022 и 2023 година во домот на Бајден во Делавер.
Хур идентификуваше неколку причини зошто не го обвини Бајден, вклучително и дека документите можеби биле однесени во неговиот дом додека бил потпретседател, кога тој имал овластување да ги чува таквите документи.
Но, објавувањето на извештајот веројатно ќе игра улога во претстојните избори во САД годинава. Трамп, исто така, е под истрага за несоодветно држење доверливи документи во неговото одморалиште на Флорида.