Новиот закон (Закон за почитување на бракот) не ги обврзува државите да ги легализираат истополовите бракови, но ги обврзува да ги признаат доколку се склучени во држави каде што се легални
Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе потпише нацрт-закон со кој се гарантира федералната заштита на истополовите бракови, а законодавната пресвртница ќе ја прослави со илјадници гости во Белата куќа.
Ова доаѓа 12 години откако Бајден – тогашен потпретседател на Барак Обама – јавно зазеде став во корист на истополовите заедници, долго пред одлуката на Врховниот суд на САД во 2015 година да ги направи легални низ САД.
Откако сега многу поконзервативниот Врховен суд ги укина долгогодишните права за абортус во јуни минатата година, пратениците од левата и десната страна ги здружија силите за да спречат какви било последователни чекори за ограничување на она што некои стравуваа дека ќе бидат права на истополови бракови.
Конечното усвојување на законот во Конгресот минатата недела е редок приказ на двопартиски договор во длабоко поделен Вашингтон.
„Мир за милиони ЛГБТКИ+ и меѓурасни парови“
Бајден ќе собере група републикански и демократски пратеници во Белата куќа за прославата, заедно со широк спектар на луѓе вклучени во случаите на брачна еднаквост низ целата земја, изјави вчера неговата портпаролка Карин Жан-Пјер.
Жан-Пјер, која и самата влезе во историјата како прва геј-секретарка за печат во Белата куќа, исто така ги пофали музичките гости и изведувачи кои се повикани на прославата на овој историски закон.
Законот, рече таа, „ќе им даде мир на милиони ЛГБТКИ+ и меѓурасни парови, на кои конечно ќе им се гарантираат правата и заштитата на кои тие и нивните деца имаат право“, рече таа.
Стотици илјади истополови двојки се венчаа по одлуката на Врховниот суд во 2015 година за легализирање на заедниците низ САД.
Огромното мнозинство Американци ги поддржуваат истополовите бракови
Јавното прифаќање драматично се зголеми во последните децении, со анкетите кои покажуваат дека големо мнозинство Американци ги поддржуваат истополовите бракови.
Но, некои конзервативци и верската десница сè уште се против.
Новиот закон (Закон за почитување на бракот) не ги обврзува државите да ги легализираат истополовите бракови, но ги обврзува да ги признаат доколку се склучени во држави каде што се легални.
Претходниот закон што го дефинираше бракот како заедница меѓу маж и жена е укинат, а државите се обврзани да ги признаат легалните бракови без разлика на „пол, раса, етничка припадност или национално потекло“.