Вработените од ЈСП утре ќе бидат во автобазите на ЈСП во Ѓорче Петров и Автокоманда и автобусите нема да возат
Синдикатот на ЈСП најави дека утре скопјани ќе останат без јавен превоз. Оваа најава синдикатите ја дадоа попладнево откако по седницата на Советот на Град Скопје револтирани дека нема договор за нивните барања, ја напуштија седницата.

Вработените од ЈСП утре ќе бидат во автобазите на ЈСП во Ѓорче Петров и Автокоманда и автобусите нема да возат.
„Репрезентативните синдикати на ЈСП беа присутни на вонредната седница на Советот на Град Скопје и очекувавме брз и експресен одговор по иницијативите што ги дават политичките партии дека одредени средства ќе се префрлат на сметката на ЈСП и ќе се исполнат обврските кон вработените. Бевме наивни мислејќи дека тоа ќе се случи. Сагата продолжи до нешто пред 17 часот кога баравме збор од спикерот и не го добивме по што седницата на Советот се прекина за да може да одговориме што ќе преземат синдикатите во текот на утрешниот ден“,
вели претседателот на синдикатот на ЈСП Миќо Стојановски.
Тој им се извини на граѓаните, со образложение дека ова морало да се случи за еднаш засекогаш да се реши проблемот со редовни плати во ЈСП.
За проблемот на ЈСП денеска дебатираат советниците во Град Скопје на вонредна седница на која меѓусебно се обвинуваат кој е крив. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија градоначалничката Данела Арсовска и побараа нејзина одговорност. Најавија дека се подготвени да се откажат од сите дискусии и да се донесе одлука со која уште вечерва ќе им бидат префрлени пари на ЈСП.
„Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сме подготвени во моментот да се откажеме од сите дискусии кои што беа предвидени сега во моментот, да дадеме пауза ако треба од неколку часа и да побараме од градоначалничката одма денеска уште веднаш да ни ја достави одлуката, ќе седиме колку што е потребно и за да ја изгласаме таа одлука уште вечерва да се префрлат средства на вработените во ЈСП и од утре автобусите да можат слободно да се движат и граѓаните на Скопје да имаат превоз“,
рече Марија Андоновска, координаторка на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје.
И советниците од СДСМ обвинија дека за првпат скопјани ќе останат без градски превоз и дека за тоа е виновна локалната власт. Посочија дека во буџетот на Град Скопје за 2022 година, заедно со ребалансот на 30.06.2022 година за ЈСП беа предвидени вкупно 530.000.000 денари или 8,6 милиони евра.
„За прв пат во својата историја на Градот Скопје, граѓаните останаа без јавен превоз. Прв пат од независна Македонија па до денеска, пензионерите, средношколците, граѓаните да не можат да користат јавен превоз. Помина само 1 година локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска за да се случи ваква катаклизма со јавниот превоз. Најгневни од сите се скопјани и тоа со право“,
рече советникот од СДСМ Гордан Шутаров.
Градоначалничката Данела Арсовска рече дека со изгласувањето на иницијативата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ нема да се постигне решение се додека не се усвои ребалансот на буџетот.
„Ако навистина сакавте вработените во ЈСП да имаат да јадат леб тогаш немаше овде четири часас да говорите и да правите политички циркуз“,
им се обрати Арсовска на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
Љубица Јанчева, координатор на советничката група на СДСМ рече дека со вака понудена иницијатива не се постигнува ништо и побара конкретно решение.