На средбата, амбасадорот Вуцас нагласи дека Австрија е силен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија, а доброто владеење и превенирањето на корупцијата се темел на овој процес
Република Северна Македонија ги почнува пристапните преговори за членство во Европската Унија и за таа цел добредојдена е секоја поддршка и искуство од нашите сојузници, кои веќе се дел од европското семејство, нагласи заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната средба со Георг Вуцас, амбасадор на Австрија во земјава, соопшти владината прес-служба.

Вицепремиерката Грковска се заблагодари за досегашната поддршка што Австрија ѝ ја дава на Северна Македонија, како на евроинтеграцискиот пат, така и во реформските процеси. Таа го запозна амбасаорот Вуцас со основните столбови на кои се фокусира нејзината работа, а тоа е дигиталната трансформација на општеството, создавање на професионални, одговорни и отчетни функции, како и креирање антикорупциски политики.
Амбасадорот Вуцас нагласи дека Австрија е силен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија, а доброто владеење и превенирањето на корупцијата се темел на овој процес. Тој додаде дека антикорупциските политики и превенирањето на корупцијата е суштинска вредност за тоа како функционира целото општество.
Вуцас истакна дека Австрија е подготвена да ѝ помага на земјава во градењето на ефективни и трајни политики на добро владеење.
Двајцата соговорници се согласија да ја продлабочат меѓусебната соработка и да организираат размена на искуства и техничка поддршка помеѓу релевантните чинители од Северна Македонија и од Австрија.