Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги остро реагираше на прес-конференцијата на Драги Рашковски, во која генералниот секретар на владата се закани со тужби против новинари и медиуми за објавени содржини во кои се отвара сомнеж дека учествувал во незаконски активности.
„Агенцијата постојано апелира првенствено да се користи правото на исправка или одговор наместо директно да се прибегнува кон тужби против новинари и медиуми, особено кога станува збор за носители на јавни функции. Заканите за тужби, наместо користењето на правото на исправка или одговор претставуваат загрозување на слободата на информирање и воопшто, на слободата на медиумите. Во ниту еден момент не треба да се заборави дека улогата на медиумите е да бидат критички настроени и коректори на власта и дека тие треба да се охрабруваат темелно и професионално да ги извршуваат своите обврски кон јавноста“
се вели во дел од соопштението на АВМУ
Ваквата реакција, АВМУ ја темели на Декларацијата за слобода на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа, цитирајќи дека во неа, меѓу другото пишува:
„Јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршување на функцијата.“