Во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје утрово се пуштаа разговори од аудиоснимки што ги снимал Орце Камчев и ги предал во обвинителството како докази за случајот „Рекет“.
Станува збор за снимки што веќе беа објавени во италијанскиот весник „Ла Верита“ и веќе се познати во јавноста, а на кои одбраната во своите приговори забележува дека тие не смеат да послужат како докази зашто не се знае ниту датумот ниту временскиот период кога се правени снимките. Нивните приговори одеа и во насока на тоа дека снимките се предадени од Камчев кој има правен интерес Боки и Катица Јанева да бидат прогласени за виновни, бидејќи тој е осомничен во предметот „Империја“.
Во повеќето разговори се слушаат гласовите на Боки и Камчев, па така во првиот можеше да се слушне дијалог:
Бојан 13: „Во понеделник ќе ве ослободат“.
Камчев: „Добро“.
Бојан 13: „Вторник најкасно, веројатно. Врховен ќе ве ослободи“.
Камчев: „Врховен, не може да дојде до Врховен до понеделник“.
Боки 13: „Да, тогаш ќе дојде. СЈО нема да употреби вонредни правни лекови, нема ништо да употреби“.
Камчев: „А Апелација?!“
Боки 13: „Па Апелација ќе ве одбие. Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни. До Врховен се жалите, како втор степен. Начелното правно лице и советот се повлекува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го придружува, да го одолговлекува, понеделник-вторник вие сте на слобода“.
По секоја снимка адвокатите даваа приговори, а свои забелешки даваше и Боки.

„Судот не треба да ја земе како доказ од причина што е направена незаконски, водам приватен разговор, ќе си дозволам да ве цитирам, вас судијке, кога еднаш рековте дека приватно може да разговара кој што сака. Тука се слуша нејасен разговор, а се гледа дека јас употребувам неточна правна терминологија“,
рече Боки.
И останатите разговори што се слушнаа понатаму ѝ се познати на јавноста, па така во еден разговор Јовановски зборува за три опции.
„Овие три лица со кои јас договарам, преговарам и ќе се договорам или нема да се договорам. Доколку продолжи СЈО да го работи предметот, првата ставка ќе биде укинување на мерката куќен притвор по основи што ќе ви ги кажам и датум на којшто ќе ви го кажам. Истиот момент или една недела или 10 дена подоцна со некакви договори со странски компании што тој ги има ќе биде вратен пасошот. Следниот чекор е или истиот момент, што не верувам лично, или подоцна ќе биде вратен пасошот“,
му вели Боки 13 на Камчев.
Во еден дел од разговорот Боки 13 зборува во шифри – една цигара или две цигари, а ја споменува и обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја“.
„Доколку се случи таа опција, да се настапи со заеднички предмет, ако треба да се даде цела кутија, тоа ја убедува Лиле Стефанова, ќе се дадат две цигари. Една цигара пушиме ние“, вели Боки.
Се слушнаа и разговорите каде што е гласот на Катица Јанева преку спикерфон, па така присутните во судница повторно можеа да го слушнат делот кога Јанева телефонски се вмешува во разговор на Боки и Камчев и му вели на бизнисменот: „Не се секирај, сè ќе биде ОК“.

Исто така, таа се слуша и во разговорот меѓу Боки со Камчев, кога тој ја вклучува на спикерфон. Тема на разговорот е враќање на пасошот, а на крајот од разговорот Боки кој посочува оти Камчев се плаши од Лиле.
„Јас многу сум ангажирана, затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене таа не може ништо“, вели Јанева на спикерфон, а Камчев коментира: „Така е, така“.
„Му кажав јас дека таа тука е под тебе и дека не смее“, додава Боки.
Во судница уште еднаш се покажаа и видеоснимките со пари направени со мобилен телефон за кои се тврди дека станува збор за милионот кој бил земен, како и од безбедносните камери од домот на Камчев.
„Овде станува збор за флагрантно лепење видеоматеријали, доаѓам од сферата на медиуми и јасно ми е дека ова е груба аматерска монтажа, станува збор за два различни вида снимање“,
приговараше Боки по прикажувањето на видеоснимките.