Во охридските штабови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ синоќа без трепнување се следеа промените во резултатот од трката за градоначалник. Кандидатот на СДСМ и в.д. градоначалник, Константин Георгиески, во вториот круг влезе со предност од 2.423 гласа во однос на колегата лекар и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Митре Милошески. Милошески во штабот делуваше спокојно, но на лицата околу него немаше голем оптимизам.
На другиот крај од градот, се поголема раздвиженост и лица кои по секој нов телефонски повик се осмелуваа да упатат честитка уште во 20 часот. Како што одминуваше времето, оптимизмот премина во воодушевување кога виедо-бимот ја соопштуваше растечката предност на Георгиески пред Милошески.
Околу 21:30, Георгиески прогласи победа, а славеничката атмосфера беше проследена и со навивачки, но и трубачки декор.
Георгиески, заедно со членството и симпатизерите, на славје се упати кон градскиот плоштад, за каде ги сочува поспонтаните пораки.
“На 15-ти октомври 2017 почнавме оттука, и другарот Тунтев Томислав рече “Не само што ќе ги победиме, туку ќе ги пометеме!“. За жал дојде прилика пак да ги метеме. Камо никогаш да не дојдеше.“, порача тој.
И од него и од Пендаровски, славениците очекуваат повеќе работа.
“Очекувам конкретно од градоначалникот, за градот, да продолжи по стапките на покојниот градоначалник Јован и мислам дека тоа ќе донесе добро за градот, а исто така очекувам од г. Пендаровски да продолжи по патот на евроинтеграциите.“
“Му посакувам многу среќа на мојот пријател Коста, се надевам дека ќе работи во интерес на градот, мило ми е што испадна еден ваков биланс…“
Георгиески победи со разлика од околу 4.000 гласови, но охриѓани пак за околу 1.000 гласови повеќе и’ веруваа на Гордана Сиљаноска – Давкова за шеф на државата. Во постизборното утро сакавме со мештаните да поразговараме за оваа ситуација, но неволно гледаа во камерата или ја избегнуваа. Честа ја спаси само еден.
“Очекуваме многу, но дали ќе се исполни тоа што го ветуваат обично, ќе видиме. Јас не сум член на партија, но им пожелувам да исполнат тоа што ветиле.“
На Георгиески по ноќното славје добро му дојде првото градоначалничко кафе, кое го испи токму со екипата на “360 степени“. Охрид е општина распната меѓу многу предизвици, а од мандатот се преостанати само 2 ипол години.
“Како што топката е округла кога ќе земеме да гледаме фудбал Баерн Минхен со Мајнц, кога се знае кој е фаворит, меѓутоа топката е округла па така и овде – народ гласа па имаше доза на исчекување и низвесност. Искуството како советник во советот на општината од една година и овие 3-4 месеци како в.д. градоначалник се драгоцено нешто, инволвиран сум во процесите и функционирањето на сето тоа, дел од одлуките сум ги гласал и јас како советник, и заедно сме ги дискутирале со тимот. Така да, ќе биде тешко, следува борба на секое поле, меѓутоа луѓето од мене очекуваат, јас се нафатив, и ќе истраам во сето тоа.“, рече за камерата на “360 степени“.
Му се јавивме и на Митре Милошески. Нашиот повик го затекна на работа во болницата “Свети Еразмо Охридски“, и низ насмевка кратко ни порача дека е задоволен од 13-те илјади гласови и среќен што може да и’ се врати на медицината.
Трите месеци како в.д. градоначалник и претходното искуство како предводник на советот на општината, му беа доволни на Константин Георгиески од СДСМ и официјално да седне во градоначалничката фотеља. Со оглед на разликата во гласови, се чини дека тоа беше полесниот дел, и дека допрва следи вистинскиот предизвик – во наредните 2 ипол години да се справи со сите “врели костени“ кои Охрид ги има како општина.
Напишете коментар