Професорот и поранешен заменик-министер за образование и наука Петар Атанасов утрово поднел приговор до Универзитетската изборна комисија во врска со неговата одбиена кандидатура за ректор на УКИМ.
„Сите шест членови на Универзитетската изборна комисија доколку не го усвојат мојот приговор до сите нив ќе поднесам кривична пријава. Од едноставна причина, имам информации дека дел од службите на Ректоратот присуствувале на седниците на Комисијата и се мешале и влијаеле врз нивните одлуки“,
рече Атанасов во изјава за „Утрински брифинг“.
Пред два дена, како што рече, бил дисквалификуван од листата на кандидати за избор на ректор поради причини кои не се се ниту административни, а најмалку се академски.
„Во образложението на Универзитетската изборна комисија стои дека немам поднесено комплетна документација. Тоа воопшто не е вистина. На 8 јуни, минатата недела, јас поднесов апликација со комплетни документи и во печатена и во електронска верзија. Тоа се пет документи и сите беа уредно доставени“,
изјави Атанасов.
Тој информира дека доставил пет печатени документи со печатена изборна програма, а дополнително доставил и електронски документи. Поради пандемијата и вонредната состојба, појасни дека неговата програма во електронска форма ја заштитил и вели дека тоа го навел во електронската пријава.
„Документот со мојата програма е заштитен, затоа што во овој момент не се јасни следните чекори во постапката. Во моментот кога Изборната комисија ќе соопшти како ќе продолжи постапката и ќе одлучи да ги разгледува документите, ќе ја доставам и лозинката. Од Комисијата ниту ми се јавија ниту побараа лозинка за документот. И покрај тоа што во пријавата се дадени и мојата е-маил адреса и мојот мобилен телефон“,
вели Атанасов.
Тој смета дека изборот за ректор и однесувањето на Комисијата воопшто не соодветствува со законските процедури. Според него, се работи за брз, насилен и нерегуларен избор.