Директорот на Јавното претпријатие „Улици и патишта“, Борис Настов, во разговор за „360 Степени“ вели дека вчера биле погрешно разбрани и дека немале намера да ги остават патеките во градскиот парк асфалтирани.
„Асфалтот што вчера беше поставен околу лавиринтот во градскиот парк е основа која мораше да ја поставиме за стабилизација на тлото. Во овој дел имаше неколку места кои беа подложни на подземни води и тоа предизвикуваше проблеми при движењето на посетителите. Она што сега ќе се прави е врз тој асфалт, кој е со поинаков состав од обичниот, ќе се поставуваат уште три слоја композитни материјали за потоа да се постави тартан патека“,
објаснува Настов.
Тој, исто така, додава дека седум илјади квадратни метри пешачки патеки кои сега се со ризла, за кои вчера градоначалничката Данела Арсовска најави дека ќе се асфалтираат, ќе останат како што беа досега, односно со ризла.
„Од вкупните 12.500 квадратни метри пешачки патеки во првиот дел од градскиот парк, седум илјади ќе останат покриени со ризла, 500 квадратни метри се оние околу лавиринтот кои ќе бидат тартан патека и останатите пет илјади квадратни метри се патеки кои се веќе со асфалт и кои ќе треба да бидат санирани“,
додаде Настов.