Денеска во Србија беа пуштени во употреба 17 километри од Моравскиот коридор, пат кој го гради „Бехтел и Енка“. На настанот на кој се реферира Груби учествуваа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерката Ана Брнабиќ, кои прво се возеа по делницата во отворен автобус пред свечената манифестација
Првиот вицепремиер, министер за политички систем и координатор за следење на работите на повеќе патни правци во земјава, Артан Груби, ја искористи и соседна Србија за да го одбрани договорот со „Бехтел и Енка“. На својот фејсбук-профил тој објави подолг став по последната серија обвинувања од опозицијата – дека начинот на кој е постигнат договорот и сè што е напишано во него е штетно и криминално.
Објавата на Груби почнува со објаснување дека и Србија има ист договор како земјава со американско-турскиот конзорциум.
„Со истиот посебен закон, со истиот договор, фирмата ‘Бехтел – Енка’ гради и во Србија, каде што денеска државните власти пуштија во употреба дел од автопатот“,
напиша Груби на својот фејсбук-профил.
Настанот на кој се реферира Груби е отворањето на Моравскиот коридор, поточно на делница од 17 километри. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерката Ана Брнабиќ ја поминаа делницата во отворен автобус, пред свечената манифестација. Подолу е видеозаписот од настанот на РТВ Војводина.
Во своето обраќање на социјалната мрежа, Груби потоа продолжува со објаснување дека во земјава Собранието прво донело специјален закон, врз основа на кој се преговарал и потпишал договор. Владата, вели Груби, исплатила 117 милиони евра за подготовка на градилиштата.
Според Груби, информациите што ги лиферува опозицијата се „лажни вести“ и со блокадите во Собранието за измена на повеќе закони кои се доведуваат во врска со изградбата на автопатите од страна на „Бехтел и Енка“ само се зголемувале цената и времето за изградба.
Пенали или трошоци
Ставот на Груби доаѓа по последната преписка на релација Влада – ВМРО-ДПМНЕ, во врска со договорот со „Бехтел и Енка“. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, земјава е обврзана да плати 53 милиони евра пенали затоа што власта не успеа да го смени Законот за работни односни, со што ќе се укинеше ограничувањето работната недела да изнесува 40 редовни и 8 прекувремени работни часа. Тој рок, тврдат подолго време од ВМРО-ДПМНЕ, е истечен на 22 април. Сега тече рокот да се платат „пеналите“ од 53 милиони евра.
„Тие треба да се платат во рок од две недели откако ќе изминат тие 45 дена предвидени да се смени Законот за работни односи и да се продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, а тој истекува на 6 мај. Од информации со кои располагаме, има натегање помеѓу Владата и фирмата изведувач околу банкарската гаранција кога ќе се договорат да бидат исплатени дополнителни 50 милиони евра по основа на авансно плаќање предвидено во тој договор. Таа бројка за недела дена ќе биде огромна, повеќе од 220-230 милиони евра, а сè уште од проектот некој нема ни шајка заковано“,
рече Мицкоски.
Власта, пак, се брани дека опозицијата шири лаги. Поточно дека автопатите ќе се изградат и ако не се сменат законите изведбата само ќе трае подолго, а со тоа и поскапо.
„Државата, односно Владата, парламентот и сите институции можат да продолжат со работа согласно постојната законска регулатива. Доколку се променат законите, доколку овозможиме повеќе работа на терен и се овозможи реализација на проектот согласно Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, за да се овозможи фазно градење, тогаш можеме секако да се увериме дека и побрзо ќе оди и реализацијата на проектот”,
изјави денеска Благој Бочварски, министер за транспорт.
Владата го прогласи договорот со „Бехтел и Енка“ за таен, па не може независно да се потврди – кој ја говори вистината. Евидентно е, сепак, дека власта не ѝ реплицира на опозицијата за сумата од 53 милиони евра, туку за толкувањето – што претставува таа. Само посредно од Владата велат дека тоа е трошокот на подолгата изградба, без сменети закони. Од опозицијата се јасни – тоа се пенали.
ВМРО-ДПМНЕ ја погоди сумата од 117 милиони евра
Една работа, сепак, веќе е јасна. ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати споделуваше информации од договорот со „Бехтел и Енка“ за кој тврдеа дека им го дал „свиркач“. На брифинг одржан со новинари во текот на изминатата недела раководството на опозициската партија соопшти повеќе детали за договорот, некои нови, некои веќе објавени.
Една од објавените информации беше дека Владата се обврзала да исплати 50 милиони евра аванс и уште 117 милиони евра за подготовка на градилиштата. Според опозицијата – тоа се само дел од парите (околу 300 милиони евра) кои земјава ќе им ги даде на „Бехтел и Енка“ без да се закова шајка.
Власта, вчера и денеска, практично потврди дека се точни барем дел од информациите што ги соопштуваше опозицијата. Од Јавното претпријатие за државни патишта денеска официјално соопштија дека на сметка им легнале токму 117 милиони евра.
Според законските обврски од посебниот закон и потпишаниот договор со американско-турскиот конзорциум, како и согласно владината програма, се вели во соопштението, овие средства се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на „Бехтел и Енка“ пред да се почне со градежните активности на трасите.