Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ вели дека ако ваков концепт функционира во Франција, Естонија и во Луксембург може и кај нас. Актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, пак, вели ако превозот е бесплатен за сите тогаш во градскиот буџет нема да останат пари
Бесплатен јавен превоз за сите скопјани и денеска вети кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, а актуелниот градоначалник Петре Шилегов, кој е во трка за втор мандат, пак, вели дека е запрепастен од евтините и популистички ветувања.
Бесплатниот јавен превоз за сите скопјани и понудата на избор за жителите за еколошка алтернатива на нивните автомобили, Арсовска денеска ги претстави како еден од проектите во нејзината изборна програма и рече дека вакви решенија досега има во Франција, каде што тоа веќе функционира во повеќе од 30 општини. Исто така, таа наведува дека во 2013 година во Естонија, Талин, стана првиот главен град на ЕУ што направи промена, а минатата година Луксембург, со население од 626 000 жители, стана првата земја што понуди целосно бесплатен јавен превоз.
„Ако може тоа да функционира некаде, зошто не кај нас? Сведоци сме на лошо работење на ЈСП поради непродуктивни трошоци, непостоење систем за брз и ефикасен превоз. Решението за БРТ ниту е добро ниту пожелно за Скопје и со него ама баш ништо не се решава, туку само дополнително се комплицира. Ќе се преместуваат мостови, ќе се сечат дрвја по ’Партизанска’, ќе се направи гломазен нефункционален систем. Секогаш одиме по комплицираниот пат кога пред нас имаме едноставни решенија. Време е тоа да престане“,
порача Арсовска ветувајќи и воведување ноќни линии посебно во викенд, како и нови автобуски линии и нови постојки.
Шилегов, пак, ваквите ветувања ги смета за популистички и вели дека е запрепастен како некој себеси се претставува за менаџер без да ги знае основните работи на јавниот превоз во Скопје. Неговиот став тој го оправдува со тоа дека во градскиот буџет нема пари за такво нешто.
„Јас сум изненаден за некој што се себеси се претставува за добар менаџер, како така напамет дава ветувања. Трошоците на јавниот транспорт во градот Скопје изнесуваат околу 30 милиони евра годишно. Основниот буџет на Град Скопје е 80 милиони евра годишно. Ако градот го земе буџетски да го финансира целокупниот јавен превоз, тогаш со што ќе се финансираат другите активности на градот?“,
изјави Шилегов.
Од друга страна, пак, тој презентираше пакет од социјални поволности во кои има бесплатен градски превоз за одредени категории граѓани, кои во најголем дел веќе ги имаат овие поволности. Неговиот пакет за финансиска поддршка на скопјани се состои од: бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје, секој ден во неделата, како и за лицата со ретки болести и постдипломците и докторандите кои студираат во Скопје; бесплатен медицински транспорт за лицата во трета доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот; 50 проценти поевтин оброк за учениците за време на престојот во училиште; 100 стипендии од 12 000 денари за најдобрите средношколци во Скопје и бесплатно овошје за сите средношколци додека се во школо; субвенции до 50 отсто за згрижување деца во државните градинки; финансиска поддршка на парови за биомедицинско потпомогнато оплодување.