Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја потсетуваат Арсовска дека антидатирањето бројчиња во архива е кривично дело, а лажењето на јавноста е лицемерие кое скопјани не го заслужуваат
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје денес ја обвини градоначалничката Данела Арсовска дека до директорите на Јавните претпријатија ниту доставила понуда за доброволно заминување, ниту пак имало барање за оставка.
„Вчера Арсовска на прес конференција ги пофали директорите на јавните претпријатија дека се на ниво на задачата и дека одлично ја извршуваат, а денес лаже кога вели дека ги разрешува поради несоодветно работење. Ниту понуда од Арсовска до директорите за доброволно заминување, ниту барање за оставка имало“,
се вели во соопштението од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

Ја потсетуваме Арсовска, се додава во соопштението, дека антидатирањето бројчиња во архива е кривично дело, а лажењето на јавноста е лицемерие кое скопјани не го заслужуваат. Одлуките на директорите се последица на паниката на Арсовска дека никој не сака да соработува со градоначалничка која очигледно не е способна да донесе резултати кои ги вети.
Ваквиот чекор е доказ дека власт по секоја цена и преку газење на принципи не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ. Функцијата значи одговорност спрема граѓаните, нагласуваат од советничката група.
Несогласувањата на градоначалничката Данела Арсовска со директорите на јавните претпријатија трае два дена, откако вчера Златко Перински си поднее оставка од функцијата директор на „Водовод и канализација“, а од Град Скопје експресно одговорија дека Перински не си поднел оставка туку дека бил разрешен поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра.
Покрај Перински, поради наводна вклученост во истиот случај, вчера од својата функција беше разрешен и генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, и двајцата кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска, пак, и јавните претпријатија „Градски паркинг“ и „Дрисла“ останаа без директори откако досегашните Бојан Христовски и Јане Мицевски поднесоа неотповикливи оставки.
По нивните објави на Фејсбук, градоначалничката Арсовска се огласи со свој статус во кој вели дека „поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добија понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени“.
