Таа информира дека Градот Скопје во врска со случајот поднел кривични пријави до МВР против, како што кажа, лицата кои правеле бизнис со кој се загрозува здравјето на граѓаните. Посебна кривична пријава, Арсовска најави дека ќе биде поднесена и против градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, кого го повика да си поднесе оставка од функцијата
По подолго време градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска одржа прес-конференција на која информираше дека Градот заедно со инспекторите за животна средина спречиле екоцид кој се случувал на територијата на општина Ѓорче Петров. Одговорноста за случајот таа го лоцираше кај фирма на вработен во Општина Ѓорче Петров, која на локација во близина реката Лепенец водела нелегален бизнис со депонирање на опасен отпад, а сомнежите, според градоначалничката, се дека нејзин најголем клиент била токму Општината.

Еколошка катастрофа, како што ја нарече Арсовска, според информациите кои таа ги изнесе пред јавноста, е детектирана на приватен имот во општината од 4 000 квадратни метри, како и на државен имот со површина од околу 5 000 квадратни метри. На оваа локација, како што рече таа, се истурал опасен канцероген отпад во непосредна близина на реката Лепенец, а дел завршувал и во самата река.
Локацијата на депонијата, како што посочи Арсовска, е на само стотина метри од новата пречистителна станица која ја гради Општината Ѓорче Петров, со пари, односно финансирана од Европската Унија.
„Да биде трагедијата уште поголема приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија која е веќе под истраги за други дела, како и на лице кое е вработено во Општина Ѓорче Петров во секторот за финансии, а од неодамна е избран и за член од раководството на Синдикат на вработените во Општината“,
рече Арсовска на прес-конференцијата.
Таа не го наведе името на фирмата, ниту нејзиниот сопственик, но рече дека станува збор за лице кое на социјалните мрежи често може да се забележи во друштво со градоначалникот на општината, Александар Стојковски.
„Градот Скопје, ниту јас како негов градоначалник нема да дозволиме било кој свесно и за профит да ги труе скопјани“,
рече Арсовска.

Случајот, како што кажа таа, заедно со инспекторите за животна средина на Град Скопје го детектирале, а пред два дена, на 16 јануари, по неколкудневно следење на ативностите на „приватната дива депонија“ фатиле лица на самото место, во „вршење на екоцидот“ и ги спречиле да продолжат со нелегалните активности.
„Извршен е увид на парцелата, прибрани се докази за сторениот екоцид, фотографирана е состојбата која што можете да ја видите од сликите кои ги прикажуваме тука пред вас, а прибрани се и други докази“,
рече градоначалничката на Скопје.
Дополнително, додаде таа, случајот бил пријавен во Министерството за внатрешни работи (МВР), а на самото место излегле и полициски службеници.
Во случајот, според Арсовска, не само што била предизвикана еколошка катастрофа, туку е извршен и финансиски криминал.
„Од прибраните докази констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица кои не само што предизвикале екокатастрофа со истурање на отпад во заштитната зона на реката Лепенец, туку се осомничени и за сторен финансиски криминал, а она што можеби е најтрагично во целата оваа ситуација е прашањето дали најголем клиент на овие лица физички и правни коишто вршеле екоцид е Општината Ѓорче Петров“,
рече Арсовска.

Ова, како што рече таа, го покажува „илегалната документација“ и тетратките во кои се водела нелегална книговодствена евиденција затекната на самото место и според која покрај градежните фирми и приватни лица, од кои се наплаќало од 1 000 до 1 200 денари, најчест клиент кој депонирал опасен отпад била токму Општината.
„На оваа локација од истата нелегална книговодствена евиденција може да се види дека меѓу 50 и 100 тешки товарни возила камиони на ден истурале токсичен и канцероген отпад. Воедно Општина Ѓорче Петров нема склучено договор со единствената регистрирана санитарна депонија и тоа е јавното претпријатие ’Дрисла’ за одлагање на комунален и општински отпад“,
рече Арсовска.
Таа информира дека Градот Скопје во врска со случајот поднел кривични пријави до МВР против, како што кажа, лицата кои правеле бизнис со кој се загрозува здравјето на граѓаните. Посебна кривична пријава, Арсовска најави дека ќе биде поднесена и против градоначалникот на општина Ѓорче Петров, кого го повика да си поднесе оставка од функцијата.
„Во овој момент она коешто најмалку може да го направи градоначалникот е да си поднесе морална одговорност пред сè, а понатаму да си поднесе одговорност и од функцијата градоначалник“,
рече градоначалничката на главниот град на државата.





Прашана колку долго се истурал отпад на локацијата, Арсовска, рече дека од она што го имаат од документацијата најдена на местото, тоа траело две години.
Што точно се истурало во близина, но и во реката Лепенец, градоначалничката одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека се земени примероци за анализа, која треба да биде готова за неколку дена. Но, од она што самите инспектори го затекнале, на местото имало опасен отпад.
„Во текот на изминатите два дена, затоа што работата беше многу сериозна, вклучени се повеќе институции коишто постапуваат не само на терен, туку и институционално, коишто работат на проблематиката, земени се примероци, истите се евидентирани, како што можете да видите со видео и фотоматеријал. Меѓутоа, до она коешто нашите инспектори за животна средина го видоа на лице место е дека има опасен отпад, од една страна канцероген, има многу салонитни елементи коишто се во големи количини. Има голем дел на гуми и нешто коешто се фрлало исто така едновремено во реката Лепенец и се закопувало во реката Лепенец, што е во масивни волумени. Сметајте, тоа се тешки товарни возила, до 50 до 100 камиони сериозни товарни возила на ден кои го депонирале својот отпад таму, за што си воделе господата уредна евиденција. Од друга страна има металоструготини и нешто коешто е сериозно канцерогено и опасно, за што подигнат е материјал и извештаите од сите позиции на коишто беше детектирано дека има потенцијална опасност, како и од водите ќе ги имаме во наредните неколку дена меѓутоа и од увидот на самото место беше евидентно дека тоа е нешто коешто е сериозно загрозувачки и по животот и по здравјето на граѓаните и за животната средина“,
рече Арсовска.
Таа рече оти очекува дека институциите сериозно ќе постапуваат за овој случај и дека истото го очекува и од Обвинителството.
„Нашите инспектори постапуваат секојдневно, не престануваат и нормално многу е тешко да се откријат сторителите доколку немаме сериозни дојави. Имаме среќа што сега во поскоро време веќе се охрабруваат граѓаните и ни испраќаат дојави во реално време во самиот момент кога се случува едно вакво сериозно дело и тој беше и начинот, по дојава, како успеавме да дојдеме до информациите кога и во кој период тука се депонира тој опасен отпад. На тој начин и на лице место практично беа фатени сторителите како го вршат ова кривично дело“,
рече Арсовска.