На денешното рочиште од судскиот процес против судијата Ристов, Стафа пред судот изјави дека никогаш не му дал поткуп на судијата и дека парите со кои беше фатен претставувале дел награда за неговиот адвокатски ангажман, а дел заем од неговиот клиент Љупчо Пецов-Ѓаволот
Обвинителката Искра Хаџи Василева оцени дека станува збор за сведок кој е правосилно осуден во постапка директно поврзана со предметот, како и дека неговите наводи дополнително ќе бидат анализирани во завршниот збор
Од друга страна, бранителот на обвинетиот Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, рече дека сведочењето на Стафа отвора многу сериозни прашања за постапувањето на истражните и обвинителските органи
Во ниту еден предмет не сум дал поткуп на судијата Ѓоко Ристов. Ова на денешното рочиште од судскиот процес што во Кривичен се води против апелацискиот судија, го кажа поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа, кој издржува затворска казна од една година и три месеци откако беше фатен со мито од сестрата на неговиот клиент Љупчо Пецов-Ѓаволот за да посредува кај судија од Апелација за укинување на мерката притвор.

Стафа, кој на клупата за сведоци седна како предлог на одбраната на обвинетиот Ристов, во скопскиот Кривичен суд беше спроведен од затворот каде што ја издржува казната, што ја доби откако призна вина и се спогоди со Обвинителството.
За потсетување, ексдржавниот правобранител и адвокат беше уапсен на 13 декември лани, откако полицијата го фати „ин флагранти“ со дел од вкупно 100 000 евра, колку што побарал од Пецов. Парите требало да завршат кај судијата Ристов, но тоа не се случило, поради неговото апсење.
Признав вина оти ми вршеа притисок од Обвинителството, вели Стафа
Сепак, на денешното рочиште Стафа пред судот изјави дека никогаш не му дал поткуп на судијата и дека парите со кои беше фатен претставувале дел награда за неговиот адвокатски ангажман, а дел заем од Пецов. Наведе дека признал вина во случајот поради притисоците, условите во притворот и од страв за последиците дека доколку не ја прифати спогодбата со Обвинителството, пренесе МИА.
Според него, обвинувањата против него биле нелогични бидејќи предметот по кој наводно требало да влијае врз судијата веќе бил решен на штета на неговиот клиент.
„Ме лишуваат од слобода дека наводно сум примил награда за да влијаам кај судијата Ѓоко Ристов за да донесе одлука, со што притворот ќе се замени со куќен притвор, а предметот 11 дена пред да бидам лишен од слобода беше одлучен на штета на мојата странка, а мојата жалба беше одбиена, но факт е дека во Апелација по жалба одлучува повеќечлен состав“,
изјави Стафа.
Во својот исказ, тој тврдеше дека веднаш по лишувањето од слобода бил изложен на притисоци од полициски службеници, посочувајќи го со име истражителот Шенол Укшини.
„Почна да ми прави претрес пред зградата на Љупчо Пецов, на самото место. Сè што го прашав не му беше важно, ми вршеше тортура, физички сакаше да ме нападне. Парите не ги најде тој, износ од 20 илјади евра, парите се пријавени, не се пронајдени и му кажав дека овие пари се адвокатска награда за предметот од 2024 година, на кој јас сум бил адвокат“,
рече Стафа.
Тој тврдеше дека во разговорот што го имал со истражителот, тој се повикувал на обвинителката Искра Хаџи Василева велејќи му да признае дека 20 илјади евра од парите требало да завршат кај судијата Ристов, а за возврат ќе се погрижат да нема проблеми и да си оди дома.
Говорејќи за настаните во Обвинителството, Стафа тврдеше дека и таму бил соочен со барања да даде исказ што не одговара на вистината.
„Само што стигнав таму, првата просторија од десна страна, прв се појави вишиот јавен обвинител Артан Ајро, застана пред мене и ми се смееше в очи. Истиот момент се појави обвинителката Искра Хаџи Василева. Првиот нејзин муабет беше да дадам лажен исказ, и тоа да прифатам да кажам дека парите ќе завршат кај Ѓоко Ристов. За возврат ми беше гарантирано дека нема да имам проблеми, ќе одам дома. Апсолутно тоа не го прифатив. Цитирам, десет години ќе лежам, тоа нема да го дозволам“,
сведочеше Стафа, додавајќи дека за овие наводи поднел претставки до Советот на јавните обвинители, Судскиот совет и до претседателот на Апелацискиот суд, како и кривична пријава против обвинителката за злоупотреба на службената положба.
Стафа за потеклото на парите
Прашан за потеклото на парите, сведокот повтори дека тие не биле наменети за судијата, туку биле за адвокатска награда, додека 30 000 евра што му се ставаат на товар како поткуп биле средства што му биле дадени како заем од сестрата на Љупчо Пецов. Кажа дека има писмен доказ за тоа.
Во завршниот дел од исказот тој тврдеше дека Ристов нема поврзаност со предметот.
„Тврдам дека апсолутно Ѓоко Ристов најмалку беше виновен за овој проблем, апсолутно нема никаква допирна точка со предметот. Да беше и да е теоријата на Обвинителството вистина, тој ќе го укинеше притворот, а ние знаеме дека во Апелација не одлучува поединец зашто само Ѓоко е тука“,
рече сведокот.

И при вкрстеното испрашување од Обвинителството, Стафа се држеше до истите тврдења дека свесно се решил да признае вина и да ја одбере, како што кажа, најблагата од двете последици со кои се соочувал, како и дека тоа што е наведено во пресудата за која издржува затворска казна не е точно.
Обвинителство: Станува збор за некредибилен сведок
По сведочењето на Стафа, Обвинителството и одбраната на судијата излегоа со спротивставени реакции. Обвинителката Искра Хаџи Василева оцени дека станува збор за сведок кој е правосилно осуден во постапка директно поврзана со предметот, како и дека неговите наводи дополнително ќе бидат анализирани во завршниот збор. Од друга страна, бранителот на обвинетиот Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, рече дека сведочењето на Стафа отвора многу сериозни прашања за постапувањето на истражните и обвинителските органи.
„Денеска сведочеше сведок чиј кредибилитет секако ќе биде предмет на анализа и коментар од страна на Обвинителството во завршниот збор. Тоа е местото и времето кога се прави таква анализа. Во секој случај, ова е сведок кој, во суштина, е обвинет и веќе правосилно осуден во постапка што е директно поврзана токму со овој предмет и со судењето против овде обвинетиот. Внимателно забележавте, а вашата забелешка е точна, дека неговото сведочење беше насочено особено против мене како обвинител. Меѓутоа, јас не сакам оваа постапка да ја оптоваруваме со работи за кои постојат докази. За тоа постојат кривични пријави, претставки и барања за изземање. Сите тие документи се дел од обвинителскиот предмет и од постапувањата“,
рече обвинителката.
Во тој контекст, таа нагласи дека Обвинителството не ги темели своите постапки само на сведочења, туку и на други видови докази.
„Обвинителството, а особено во овој предмет, исказите на секој сведок ги поткрепуваше со материјални, вербални и, најважно, електронски докази, односно директен говор меѓу инволвираните лица во постапката. Тука спаѓаат и Фехми Стафа, и Љупчо Пецов и сите останати“,
изјави Хаџи Василева.
Во однос на улогата на Љупчо Пецов во постапката, обвинителката посочи дека пријавувањето корупција треба да се охрабрува. Инаку, Пецов, кој беше во бегство и кому му беше укинат притворот по враќањето во земјава, кон крајот на септември призна вина во случајот „Синџир“ и доби условна казна од две години затвор, која нема да се изврши доколку во следните пет годни не стори друго кривично дело.

Адвокатот на Ристов: Исказот на Стафа отвора дилеми за доказите во предметот
Бранителот на апелацискиот суд Ѓоко Ристов, адвокатот Давидовиќ, пак, оцени дека исказот на Стафа отвора дилеми околу доказите во предметот. Според него, материјалните докази на Обвинителството никаде не се прикажани, поради што се принудени да ѝ веруваат на збор на обвинителката.
„Во ниту еден предмет не е прикажано каде е примен поткупот за судијата Ѓоко Ристов. Ќе мораме да ѝ веруваме на збор, бидејќи ниту во тој предмет тие докази не беа изведени“,
изјави Давидовиќ додавајќи дека оцената за исказот на Стафа треба да ја дадат судот и јавноста.
Тој додаде дека одбраната не го брани кривичното дело, туку инсистира на почитување на законските права на сите учесници во постапката.
„Ние во судница не го браниме криминалот и не го браниме делото за кое се товари обвинетиот. Ние се обидуваме да се почитуваат законските права кои му се загарантирани на секој што ќе дојде во судир со законот. Ако самото Обвинителство не ги почитува тие права, врши притисок и се заканува кон обвинети, сведоци и други лица вклучени во истражната постапка, тоа покажува до колку ниски гранки сме паднале“,
изјави Давидовиќ.
Инаку, апелацискиот судија Ѓоко Ристов се најде на обвинителна клупа откако во јануари годинава во акцијата на ОЈО ГОКК и МВР, во неговиот семеен дом во Неготино, зад плочките во кујната, беа најдени заѕидани 350 000 евра. Како што соопштија тогаш од ОЈО ГОКК на брифинг со новинарите, сите информации поврзани со истрагата за Ристов почнале да добиваат смисла, односно контурите на случајот почнале да се исцртуваат со апсењето на Фехми Стафа.
Судењето продолжува на 8 октомври со сослушување на родителите на судијата Ристов и полициски службеник од Неготино.
