Градоначалникот на Бутел вели дека градоначалничката се налутила зашто и тој објавил за реконструкцијата на улицата и ѝ вели дека нема срам бидејќи заборава дека „како мало дете ја носеле низ Радишани за да добие гласови“

Реконструкцијата на улицата „Радишанска“ во скопската општина Бутел предизвика ново фрлање искри од ВМРО-ДПМНЕ кон градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Обновата на улицата започна денеска, Арсовска беше на увид на самото место, а потоа преку соопштение кое го објави и на нејзината официјална фејсбук-страница порача дека реконструкцијата е дел од проектот „Скопје без заборавени населби“ од нејзината изборна програма „За модерно Скопје“.
Во соопштението таа нагласи и дека оваа улица е под надлежност на Град Скопје.
„Со исполнување на ветувањето за реконструкција на една од најважните сообраќајници под надлежност на Град Скопје во општината Бутел, улицата ’Радишанска‘ се обновува во должина од 1 100 метри, со што се овозможува зголемена сигурност и безбедност на учесниците во сообраќајот. Го реконструираме коловозот на улицата на површина од 7 363 квадратни метри, рабниците и тротоарите, а граѓаните од овој дел на градот ќе добијат соодветно партерно уредување и реконструкција на последната автобуска постојка на линијата број 57“,
напиша Арсовска.
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, исто така денеска објави дека почнува реконструкцијата на „Радишанска“, а потоа преку ново соопштение ѝ порача на Арсовска дека напишала соопштение со отсуство на срам и вели дека ова е проект што тој лично ѝ го посочил како приоритет.
„Данела Арсовска се налутила зашто сум објавил реконструкција на улица ’Радишанска‘ која јас лично сум ѝ ја дал како приоритет, па напишала соопштение со отсуство на срам. Кога Арсовска говори за срам, треба да знае дека отсуство на срам е кога пред изборите ќе ја носиме на маалски средби, заедно ќе ветуваме проекти, ќе работиме за да седне во фотелјата каде што удобно седи, а потоа ќе заборави на сите ветувања кои им ги даде на луѓето кои ја направија градоначалник. А, потоа кога ќе ја потсетиме за тоа, ќе бидеме прогласени за виновни. Отсуство на срам е и кога ќе заборави дека како мало дете во градинка ја носевме низ Радишани за да добие гласови, за кои сега од Градот добиваат затворена врата, а најголемо отсуство на срам е кога ќе заборави дека ние бевме таа структура која таа ја молеше за вториот круг од изборите да одработат за повеќе гласови и за убедлива победа“,
вели Костовски.
Тој ѝ порачува на градоначалничката и дека е горд на секој проект што Градот го реализира, а кој тој лично го истакнал како приоритетен бидејќи, вели, Арсовска не знаела ни каде се наоѓа Општина Бутел.