Коментирајќи ги обвинувањата на бутелчани и на нивниот градоначалник, дека со изградбата на булеварот планира и изградба на седум висококатници, Арсовска нагласи дека Деталниот урбанистички план со кој се предвидени овие згради го донел тогашниот градоначалник на Бутел, Петре Латиновски, а во 2015 година бил изгласан од општинските советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
Скопската градоначалничка Данела Арсовска е децидна дека нема да отстапи од проектот за изградба на булеварот „Боца Иванова“ во Бутел и покрај отпорот што жителите на овој дел од градот и градоначалникот на Општината Дарко Костовски го даваат во врска со него.
Арсовска потенцира дека изградбата на овој булевар е предвидена во Генералниот урбанистички план за Скопје уште од 2002 година, а дека подоцна проектот бил потврден и со следниот ГУП од 2012 година кога со градот раководел Коце Трајановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Значи, овој булевар е предвиден и ветуван нешто повеќе од 20 години. Се работи за капитален проект за изградба на целосно ново булеварско решение, кое вклучува изградба на нова водоводна и атмосферска мрежа, како и ново улично осветлување. На булеварот се проектирани и велосипедска патека, пешачка патека и соодветно партерно уредување по целата негова должина“,
рече Арсовска на денешната прес-конференција.

Градоначалничката нагласи дека поголемиот дел од предвидениот булевар се простира на државно земјиште, но на другиот дел, како што вели, постојат десетина семејства кои ги прошириле своите дворови и бесправно користат дел од државното земјиште на кое треба да се протега преостанатиот дел од булеварот.
„Со тоа и го узурпирале земјиштето, што според член 225 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија е казниво дело. Градот Скопје нема намера да врши кривичен прогон на граѓани, но сакам да апелирам до граѓаните во овој дел на Општина Бутел да не потпаѓаат под политичките игри и манипулации на политиканти кои се обидуваат да ги инструментализираат во својата нечесна политика. На крајот, одговорноста за узурпацијата на земјиштето нема да биде на градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, туку на оние што го узурпирале земјиштето“,
вели Арсовска.
Коментирајќи ги обвинувањата на бутелчани и на нивниот градоначалник, дека со изградбата на булеварот планира и изградба на седум висококатници, Арсовска нагласи дека Деталниот урбанистички план со кој се предвидени овие згради го донел тогашниот градоначалник на Бутел, Петре Латиновски, а во 2015 година бил изгласан од општинските советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој ДУП за изградба на седум згради кој го изгласале токму од ВМРО-ДПМНЕ е се уште на сила и во ниту еден момент во оваа измината година Костовски не реагирал да ги поништи овие седум објекти ниту на вцртувањето на нови згради во Бутел. Ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ не само што дозволиле да се впишат за изградба седум згради на овој булевар, туку тие и го донеле планот за изградба на овие згради“,
потенцира скопската градоначалничка.
Говорејќи во оваа насока, Арсовска рече дека ќе го држи за збор градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој пред неколку дена најави дека во најбрз можен рок во општинскиот Совет ќе го актуализира прашањето за поништување на маркиците за згради на овој дел од општината.
„Доколку навистина се залага против урбаната мафија, како што кажал, тогаш ќе го реализира тоа што го ветил и просторот ќе го пренамени за изградба на нов, модерен парк со содржини за спорт и рекреација“,
додаде таа.