Во врска со ситуацијата на Клинички и неизвесноста до кога би можела да трае, Арсенков вели доколку се исполнат капацитетите можеби ќе треба да се размислува за активирање на некои центри од внатрешноста
Поради ситуацијата со хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кои десет дена се затворени поради непријатен мирис за кои надлежните немаат објаснување од каде доаѓа, двојно е зголемен бројот на итни случаи на кои им се дава медицинска помош во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Според директорот на Клиниката, Љубен Арсенков, во изминатите десетина дена кај нив се примени околу 170 итни случи, од кои кај 150 се направени хируршки интервенции.

„Поради ситуацијата на Клинички центар, се организиравме на начин што хроничните пациенти што се за операција не ги примаме и оперираме само итни случаи. Така што, за овие десеттина дена, примени се некаде 170 итни пациенти, од кои кај 150 се направени хируршки интервенции. Зголемен е бројот, зголемен е и обемот на работа на персоналот. Се организираме засега и се надевам дека ќе продолжи натаму без поголеми реперкусии на третманот. Персоналот одговара на потребите, доаѓаат од дома, повеќе смени работат“,
вели Арсенков, пренесува МИА.
Просечно дневно, како што вели директорот, само во Ургентната амбуланта се прегледуваат околу 250 пациенти, додека во специјалистичките амбуланти дневно се примаат околу 100 до 150 пациенти.
„Значи, бројка од околу 400 пациенти дневно кои во овој период гравитираат кон Клиниката (Св. Наум Охридски)“,
вели директорот.
Во овој период, додава Арсенков, се зајакнати хируршките екипи и секојдневно има по двајца хирурзи за абдомен, трауматолози и неврохирург бидејќи, како што вели, неврохируршките пациенти се упатуваат на оваа Клиника.
Според него, во Клиниката имаат доволно хирурзи, а она за што евентуално би требало да се размисли е инструментарки и друг помошен персонал од Клиничкиот центар да се распределат во Градската општа болница „8 Септември“ и во Клиниката „Св. Наум Охридски“.
Што се однесува до капацитетот на болницата, Арсенков вели дека тој е речиси целосно исполнет и оти се во постојана комуникација со Градската општа болница „8 Септември“ за да можат пациентите да ја добијат потребната нега.
Вели дека секојдневно утринскиот состанок започнува со со тоа колку празни кревети има.
„Од пет до 10 кревети се слободни, речиси целиот болнички капацитет е исполнет. Ги пуштаме дома пациентите кои можеме порано да ги пуштиме, а оние пациенти кои после хируршката интервенција би останале неколку дена подолго зависно од нивната ситуација, ги закажуваме на контроли за да ослободиме кревети за евентуално итните пациенти. Навистина не знам до кога ова би било вака, меѓутоа се организираме и со колегите од Клинички центар и од „8 Септември“. Се слушаме со колегите пред да го упатат пациентот што дошол кај нив доколку нема место или нема специјалист за таа патологија да се упати кај нас. Тоа на мое огромно задоволство функционира и со дигестивна хирургија. Сега засега мислам дека функционира хирургијата“,
вели Арсенков.
Во врска со ситуацијата на Клинички и неизвесноста до кога би можела да трае, Арсенков вели доколку се исполнат капацитетите, можеби ќе треба да се размислува за активирање на некои центри од внатрешноста.
„За жал, тоа што се случува таму (во Клиничкиот центар) не би знаел до кога би траело и сигурно ако продолжи ќе се исполнат капацитетите и можеби ќе треба да се размислува за активирање на некои центри од внатрешноста да можат овие случаи што вообичаено ги праќаат тука, да се третираат во матичните хируршки установи“,
изјави Арсенков.
Министерот за здравство во техничката влада вчера на прес-конференција изјави дека засега нема објаснување за непријатната миризба во хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Тој информира дека странска фирма во Сојузна Република Германија до која се испратени мостри ќе го утврдува квалитетот на кислородот и компримираниот воздух од централниот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ поради чија „мистериозна“ непријатна миризба повеќе од една недела не работат хируршките сали на Клинички.

Дотогаш, како што изјави, ќе се вршат хируршки интервенции само кај итни и неодложни пациенти, а салите ќе се снабдуваат со кислород и компримиран воздух преку надворешни компресори кои се инсталирани во меѓувреме.
Другите полесни пациенти на кои им е потребна хируршка интервенција ќе се препраќаат во Клиниката „Св. Наум Охридски“ и во „8 Септември“.
Поради ваквиот случај, тој побарал и од обвинителството да спроведе истрага за случајот.
„Бидејќи е необјасниво, побарав од обвинителството да спроведе истрага и да се види што е реалната причина за проблемот. Додека не заврши испитувањето и додека не дојдат резултатите од анализите од Германија, Клинички центар ќе се служи со надворешни компресори“,
изјави вчера Демири.