Аријанит Хоџа неодамна ја најави промоцијата на новата партија за в сабота, ден пред одбележувањето на годишнината од Рамковниот договор
Поранешниот заменик-претседател на Движењето Беса, Аријанит Хоџа, објави на Фејсбук дека ги собрал потписите за регистрација на неговата нова партија Европска демократска партија.
„Успешно заврши собирањето потписи за регистрација на Европската демократска партија. Бескрајна благодарност до сите основачи за нивната посветеност и волја да отворат нова страница на политичко дејствување. Со среќа!“,
напиша Хоџа на Фејсбук.
Хоџа неодамна ја најави промоцијата на новата партија за в сабота, ден пред одбележувањето на годишнината од Рамковниот договор.
Аријанит Хоџа до неодамна беше заменик-претседател на Движењето БЕСА, но најави дека ќе се повлече од партијата и ќе формира нова откако тројца политичари од албанскиот опозициски кампус – неговиот доскорешен партиски лидер Биљал Касами, Изет Меџити од „огнените“ и Африм Гаши од Алтернатива соопштија дека создаваат заеднички опозициски фронт.
Како причина за ваквиот чекор Хоџа наведе дека целта на иницијаторите не е политичка промена, туку „перење“ политички фигури кои до неодамна беа актери во одржувањето на актуелната власт во живот.
И Изет Меџити од „огнените“ исто така собра потписи за формирање нова партија која ќе се вика Демократско движење и ќе биде промовирана на годишнината на Рамковниот договор, в недела на 13 август.