Овие два дена, додека траеше седницата за избор на Владата, новоизбраниот пратеник на ДУИ не беше забележан во Собранието, ниту во пленарната сала
Арбен Зибери од ДУИ, според наши информации, е пратеникот кој вечерва гласаше во посебна кабина, како суспектен на ковид-19, со што беше обезбеден и последниот од вкупно 62 гласа за избор на новата Влада.
Спикерот Талат Џафери, пред гласањето, соопшти дека, согласно со протоколите за заштита од ковид-19, еден од пратениците ќе гласа во посебна просторија. Тој им посочи на пратениците дека нема потреба од паника, затоа што се е во согласност со протоколите.
Зибери овие два дена, додека траеше седницата, не беше забележан во Собранието, ниту во пленарната сала. Сепак, сите 62 пратеници од парламентарното мнозинство вечерва гласаа „за“ новата Влада.
Зибери по професија е лекар, а во предизборието, министерот за здравство Венко Филипче го разреши од директорската позиција во Центарот за јавно здравје во Скопје, поради политички мотивирана изјава.
Тој беше меѓу новоизбраните пратеници на ДУИ кои реагираа на министерските имиња што ги понуди лидерот на ДУИ Али Ахмети, поради што за неколку дена беше пролонгиран изборот на Џафери за прв парламентарец.