Со одлуката на Апелацискиот суд, увозниците засега ќе продолжат да плаќаат царина од десет проценти. Станува збор за привремена мерка додека Апелација го разгледува барањето на администрацијата на Трамп за поништување на одлуката на Судот за меѓународна трговија во Њујорк

Апелацискиот суд на САД привремено ја паузира одлуката на понискиот суд против глобалната царина од 10 отсто на администрацијата на Трамп според член 122 од Законот за трговија, задржувајќи ги царините во сила за три увозници кои минатата недела добија одложување од давачките.
Со одлуката на Апелацискиот суд, увозниците засега ќе продолжат да плаќаат царина од десет проценти. Станува збор за привремена мерка додека Апелација го разгледува барањето на администрацијата на Трамп за поништување на одлуката на Судот за меѓународна трговија во Њујорк.
Тужителите, меѓу кои се сојузната држава Вашингтон и две компании, имаат рок од седум дена да одговорат. Доколку и Апелацискиот суд пресуди против царините, администрацијата на Трамп би можела да се обрати и до Врховниот суд на САД.
Американската администрација оцени дека одлуката на Трговскиот суд сериозно би ја поткопала трговската агенда на претседателот и би ги дестабилизирала напорите за намалување на долгогодишниот трговски дефицит.
Минатата недела Судот за меѓународна трговија оцени дека Трамп ги пречекорил своите овластувања со воведувањето на привремената царина од десет проценти, наведувајќи дека погрешно го толкувал трговскиот закон на кој се повикал.
Во пресудата се наведува дека администрацијата се повикала на член 122 од Законот за трговија од 1974 година, но судиите утврдиле дека аргументацијата за воведување царински давачки не е доволна. Член 122 му дозволува на претседателот да воведува тарифи до 15 отсто за целиот увоз без да добие одобрение од Конгресот доколку се исполнети одредени критериуми. Во овој случај, судиите сметаат дека аргументот на администрацијата за тарифите е недоволен.
Од 24 февруари оваа година САД воведоа десетпроцентна царина за најголем дел од увозот, откако Врховниот суд претходно прогласи за незаконски дел од претходните царински мерки на Трамп.
Во февруари годинава Врховниот суд пресуди дека широк спектар на царини на Трамп се нелегални. Како одговор, Трамп воведе нови глобални царини, повикувајќи се на претходно нетестирана правна власт според Законот за трговија од 1974 година.
