Ова следува откако Апелацискиот суд Скопје на 3 ноември годинава го потврдил решението на Кривичниот суд за укинување на мерката куќен притвор на поранешниот генсек во замена за гаранција во вредност од околу 193 000 евра во недвижен имот
Поранешниот секретар на Владата, Драги Рашковски, излегува од куќен притвор.

Ова следува откако Апелацискиот суд Скопје на 3 ноември годинава го потврдил решението на Кривичниот суд за укинување на мерката куќен притвор на поранешниот генсек во замена за гаранција во вредност од околу 193 000 евра во недвижен имот. Второстепениот суд, воедно, ја отфрла како неоснована жалбата за решението на Кривичниот суд поднесена од надлежниот обвинител од ОЈО ГОКК.
„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КСЖ – 816/23 на нејавна седница, жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ja одби како неоснована и донесе решение со кое го потврди решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е укината мерката куќен притвор и прифатена гаранција како мерка за обезбедување присуство против обвинетиот Д.Р. во рамките на кривичната постапка која се води против обвинетиот, а поради основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 3 на Кривичниот законик и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 ст. 1 на Кривичниот законик“,
информираат од Апелација.
Ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, на 6 јули беше првостепено осуден на затворска казна од осум години во случајот „Софтвери“, а за виновни беа прогласени и преостанатите шестмина обвинети чии затворски казни се движат од три до пет и пол години затвор.
Рашковски ја доби затворската казна за делото злоупотреба на службената положба и овластување – седум години и за перење пари – една година и шест месеци, кои судот ги пресмета во единствена казна од осум години. За делото фалсификување исправа, пак, беше ослободен од обвинението.
Инаку, пресудата не е правосилна бидејќи странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.
Другите обвинети неправосилно се осудени за делото злоупотреба на службената положба и овластувања.
Инаку, неодамнешните контроверзни измени на Кривичниот законик се очекува да имаат импликации и врз овој предмет, во однос на делото злоупотреба на службената положба и овластување по членот 353. Имено, Рашковски во „Софтвери“ се гонеше по став 5 од овој член кој отпадна со измените на КЗ, а гласеше: „Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.
Покрај затворската казна, првостепената пресуда предвидува и солидарно да се надомести штетата на државата во висина од 6,4 милиони денари за набавката на софтверот за биометриска идентификација и речиси пет милиони денари за софтверот за определување просечна брзина на возилата. Судот со првостепената одлучи и да се надоместат парите од исплатените хонорари на обвинетите од Генералниот секретаријат на Владата. Вкупната штета, како што процени судот, е 18 794 136 денари (околу 305 000 евра).
По изрекувањето на пресудата, судот му одреди куќен притвор на Рашковски, иако обвинителката Ивана Трајчева бараше мерка ефективен притвор.
Случајот „Софтвери“ се однесува на тендери од Генералниот секретаријат на Владата во времето на Рашковски и опфаќа четири набавки на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Пресуда дојде откако пред нешто повеќе од две години, „360 степени“ го отвори случајот во јавноста. Во март 2021 година ја објавивме првата сторија дека Генералниот секретаријат на Владата купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала, ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично регистрирал таков патент.