Апелацискиот суд во Скопје ја потврдил пресудата за мобинг против поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски, која во првостепената постапка ја донесе Основниот граѓански суд.
Тужбата за мобинг против него ја покрена поранешен вработен службеник во судот, Горан Стаменковски, поради психичко малтретирање и деградирање во времето кога Панчевски беше на чело на судот, кое започнало откако тужителот бил фотографиран на протести на „Шарената револуција“.
Дел од пресудата на социјалните мрежи споделија од адвокатската канцеларија „Ристова“, посочувајќи дека ова е прва правосилна пресуда за мобинг во земјава.
„Согласно донесената одлука, вршител на вертикалниот мобинг е лицето В.П. од Скопје. Мобингот во форма на психичко вознемирување е вршен кон лицето Г.С. од Скопје на начин што без решение за распоредување, а врз основа на задолжение, бил приморан да работи на голем број предмети, со краток рок на извршување, бил јавно деградиран, исмејуван и омаловажуван, а против него било покренато и дисциплинска постапка. Мобингот траел неколку години, а покрај другите докази, жртвата има и медицинска документација, како доказ за нарушено здравје. Ова е прва конечна пресуда во РС Македонија“,
наведуваат од адвокатската канцеларија.
За пресудата со соопштение за медиумите се јави и Панчевски обвинувајќи дека пресудата е политичка нарачка бидејќи тужителот беше советник на експремиерот Зоран Заев.
„Пресудата е граѓанска, а судот констатира мобинг и ништо повеќе, кон мене нема ниту задолжение ниту дејство! Пресудата е политички мотивирана и донесена под притисок на актуелната власт бидејќи, наводно оштетениот, е активист на ‘Шарената револуција’ и советник на поранешниот премиер Зоран Заев, а истовремено и активен раководител на човечки ресурси во Кривичниот суд кој во овие изминати години несомнено користел манифестација на моќ и влијание во судството!“,
тврди Панчевски во соопштението до медиуми објавено на социјалните мрежи.