Опозиционерите обвинија дека првостепената ослободителна пресуда за Никола Груевски во „Талир 2“, со која е одбиена и конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, е донесена од партизираното судство под контрола на Христијан Мицкоски. Сега, велат од СДСМ, Апелација има можност да ја поправи грешката и да создаде нова шанса за правда
Уште само неколку дена, до 31 август, Апелацискиот суд има време да одлучи и да ја преиначи првостепената пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Талир 2“ – велат од опозицискиот СДСМ и бараат Апелација да ја прифати жалбата која скопското обвинителство ја поднесе во врска со првостепената пресуда.

„Скопска Апелација треба да донесе одлука да се преиначи првостепената ослободителна пресуда за Груевски – има само неколку дена да одлучи, до 31 август и затоа треба веднаш да постапи по жалбите на Обвинителството“,
рече на денешната прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Опозиционерите обвинија дека ослободителната пресуда за Груевски во „Талир 2“, со која е одбиена и конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, е донесена од партизираното судство под контрола на Мицкоски. Сега, велат од СДСМ, Апелација има шанса да ја поправи грешката и да создаде нова шанса за правда.
„Претходно, предметот ‘Талир 2’ беше одземен од поранешниот обвинител како класичен пример на политичко влијание врз текот на истрагите. Власта го смени јавниот обвинител, постави обвинителка од тефтерчето на Сашо Мијалков, позната од бомбите. Менуваше и назначуваше судии блиски до власта и до Мицкоски, кој, пак, јавно им делеше задачи на обвинители и судии од собраниската говорница, преку телевизија и преку телефон“,
додава Димитријевиќ.
Основниот кривичен суд Скопје во јули годинава донесе ослободителна пресуда за експремиерот Никола Груевски за предметот „Талир 2“, кој се однесува на противправното финансирање и изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, а Основното јавно обвинителство Скопје вложи жалба на пресудата.
