Сите наши државјани кои сега се наоѓаат во Украина, доколку имаат можност, во најскоро време да ја напуштат земјата, апелираат од Министерството
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија упати апел до македонските државјани да избегнуваат патување во Украина, која е соочена со можна руска агресија, а оние кои се таму, по можност, да ја напуштат земјата.
„Следејќи ги одблиску состојбите во и околу Украина, апелираме до сите државјани на Северна Македонија кои во претстојниот период планирале посета на Украина да избегнуваат патувања во земјата; дополнително, сите наши државјани кои сега се наоѓаат во Украина, доколку имаат можност, во најскоро време да ја напуштат земјата“,
се наведува во соопштението.
Од МНР ги советуваат граѓаните кои се наоѓаат во Украина, а кои сѐ уште не ги оставиле своите податоци, да ја контактираат Амбасадата на Северна Македонија во Киев, со цел доставување на своите податоци, на следните телефонски броеви: +380442877882 и +380663951190, како и на е-mail: dkpkiev@mfa.gov.mk.
Дополнително, нашите државјани може да се обратат и во Министерството за надворешни работи на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и следната е-меил адреса: globalsos@mfa.gov.mk.
„Воедно ги потсетуваме сите нашите граѓани и оние кои се наоѓаат овде и оние кои се во Украина или каде било, да ги следат и да се информираат од официјалните канали кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и на Амбасадата на Северна Македонија во Киев. Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ги следи состојбите во Украина и навремено да информира за евентуални насоки за постапување за нашите државјани“,
се наведува во соопштението.