Скопското обвинителство отвори предмет за фејсбук-статусите на претседателот на Левица, Димитар Апасиев, објавени ноќта по парламентарните избори, но и за други спорни објави за кои пристигнале пријави.
„ОЈО Скопје по пристигнато известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР отвори предмет за статус на социјалната мрежа Фејсбук, објавен од лидер на политичка партија. Истовремено за истото лице пристигнаа две кривични пријави, поднесени од здружението на граѓани Хелсиншки комитет за човекови права и две физички лица, а се однесуваат на друг статус објавен на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер“,
велат од Обвинителството.
Издадена е наредба до Секторот за компјутерски криминал во МВР за електронски да се документираат спорните статуси, а испратиле и покана до Апасиев за да даде исказ.
Во статусот за кој од МВР го известиле обвинителството, претседателот на Левица напиша: „Џабе ни се лижете. Сите ќе ве стреламе“.

Ваквиот статус следуваше откако беше извесно дека тој како носител на листата во изборната единица 1, влегува во новиот парламентарен состав.
Апасиев вчера одржа прес-конференција на која обвини за изборна кражба, но доби и прашање за статусот.
„Па сите“,
рече тој кога го прашаа кого ќе стрела.
На дополнителни прашање кои се тие сите тој повторно одговори во сличен стил: „Заклучете си сами“.
Неговите настапи и објави ги осудија дел од неговите поранешни сопартијци, а од партиите осуда вчера стигна од СДСМ.