Спикерот Џафери му одговори дека се работи за лица кои се во придружба на функционери (претседател, премиер и министри), на кои со закон им следува обезбедување
Пратеникот Димитар Апасиев од Левица од говорница посочи дека во Собранието денеска има триесетина вооружени лица кои не се идентични со постојаното обезбедување кое го има законодавниот дом и го праша спикерот Талат Џафери по која основа тие лица се присутни во зградата.
„Почитуван северномакедонски спикер, како што ве вика Макрон, во текот на денов видов триесетина други, а не овие кои постојано нè обезбедуваат, како се шетаат со видливи пиштоли на нив по ходниците, до трети кат. Што вие претседателе правите за да ја спречите оваа атмосфера на страв врз пратениците, која што досега е невидена во Собранието? Јас не ги знам тие момци кои се, можеби се истите од ‘Скендербег’, можеби се други, ама делуваат прилично агресивно, не носат сако како другиве, делуваат ноншалантно. Кажете ми, по кој член, по кој став пратениците во ходниците се должни да гледаат пиштоли на неидентификувани лица? Го најдов и Упатството, кажете ми зошто пуштени се лица како каубојци да се шетаат со пиштоли низ Собранието?“,
праша Апасиев од собраниската говорница.
Спикерот Џафери му одговори дека се работи за лица кои се во придружба на функционери на кои со закон им следува обезбедување.
„Членот 263 пропишува кои лица можат да бидат во Собранието со вооружување. Кога се повикувате на Правилникот за внатрешен ред во Собранието треба да го читате до крај, Правилникот врз основа на Уредбата на Влада, уредува – обезбедување на претседател на држава, на премиер, на министрите на кои со закон им е пропишано физичко обезбедување, цело време додека овие лица присуствуваат во Собранието, според Правилникот е дозволено да бидат во придружба на соодветните лица и затоа движењето на тие лица, дали одат на трети-четврти кат, дали да се во подрумот, тоа е Собрание – имаат право. А, по однос на стравот, јас не можам да ви го тргам стравот ако се плашите од што било, јас не можам да влијаам“,
одговори Џафери.