По паузата која ја побара пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ продолжи 81. седница на македонското Собрание. На пленарната сесија на Парламентот, по воведното обраќање на премиерот Ковачевски, пратениците ќе ја разгледуваат владината Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, по што ќе треба и да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.
Претставниците на владината коалиција до Собранието веќе доставија предлог-заклучоци. Со нив, владата се задолжува во процесот на преговори за членство во ЕУ доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ.