Антикорупциската комисија организира јавна расправа за новиот Закон за утврдување правен статус на бесправни изградените објекти, кој претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише и сега е вратен повторно во собраниска процедура. Повод за дискусијата, како што информираат од ДКСК, се дилемите што ги отвори носењето на законот за легализација дивоградбите, но и високиот степен на корупција во урбанизмот и градежништвото.
„Воочен е широк простор за злоупотреби и корупција во урбанизмот и градежништвото. Како пример може да послужат: донесувањето на генералните и деталните урбанистички планови, измената на урбанистичките планови заради легализација на бесправните градби наместо планирање на просторот, големиот број бесправни градби, издавањето дозволи за градење и располагање со земјиште кои се во постапка на денационализација, селективниот однос на општините и органите при уривањето на бесправните објекти и при санкционирање на прекршителите на законот, високиот процент на нереализирани решенија за уривање на бесправно изградени објекти, како и големиот број станбени и деловни згради меѓу дивоградбите“
се наведува во објавата од ДКСК.
Дискусијата ќе се одржи во вторник, а покрај претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, присутни ќе бидат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, судијата Владимир Туфегџиќ, претставници од кабинетот на премиерот и од министерството за животна средина, како и експерти по урбанизам.
Откако Пендаровски одби да го потпише указот на Законот за легализација на бесправно изградените објекти, од Владата информираа дека се подготвени за дискусија и доработка на проблематичните одредби.