Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски најави дека Владата денеска ќе ги соопшти сите детали за набавката на софтверот
Државната комисија за спречување на корупцијата денеска отвори предмет за набавката на софтверот за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни, кој, како што претходно објави „360 степени“, уште лани во февруари го купил Генералниот секретаријат на Владата, тогаш предводен од Драги Рашковски, а МВР не знае за набавката и не планира да ја користи.
„По изнесените информации во медиумите, на денешниот колегиум отворивме предмет сметајќи дека има доволно елементи за истражување за причините за набавката на тој софтвер од една страна и од друга страна зошто тој сѐ уште не е во употреба. И она што беше ризично од наш аспект беше несоодветната комуникација на институциите и отсуството на системски пристап за утврдување на потребите. Тоа беа основните елементи по кои ние постапивме и по сопствена иницијатива, а по допрен глас од медиумите отворивме предмет“,
рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција.
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, најави дека Владата денеска ќе ги соопшти сите детали за набавката на софтверот
„Владата денес ќе соопшти детали, факти и аргументи за целиот случај. Дадена е насока од премиерот да се истражи случајот, сите информации и детали денеска ќе бидат соопштени од Владата и Генералниот секретаријат“,
рече Николовски.