На прашањето – дали сте задоволни од работата на министерот Венко Филипче во однос на кризата со коронавирусот, 78,3% од испитаниците во анкетата одговориле со – „да“
Повеќе од една третина од анкетираните очекуваат нормализација на состојбата до крајот на мај, а најмногу стравуваат од економската криза
Иако се бележи благо намалување, мнозинството граѓани и натаму даваат поддршка на рестриктивните мерки за заштита од ковид-19, покажува најновото истражување на јавното мислење, кое за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје.
Сепак, за разлика од минатиот месец, зголемен е бројот на граѓани кои мислат дека мерките се престроги. Според резултатите од истражувањето за април 57,5 отсто од граѓаните сметаат дека воведените мерки се соодветни, 21,2 отсто ги сметаат за престроги, а 13,2 проценти за недоволни.

Промена има и меѓу граѓаните кои мерките ги сметаат за недоволни. Ако во март 20 отсто од граѓаните сметале дека мерките не се доволни, сега тој процент паднал на 13,2 отсто.
Останува висока довербата кај граѓаните за работата на министерот за здравство Венко Филипче – 78,3 отсто од анкетираните одговориле дека се задолни од работата на Филипче во актуелната криза. Во мартовската анкета на „Детектор“ тој процент беше 82.

Во однос на претходно истражување на јавното мислење во март, задоволството на граѓаните од работата на надлежните паднало за 8 процентни поени за месец дена, а за 8,2 процентни поени пораснало незадоволството во истиот период.
Резултатите покажуваат дека 77,2 од анкетираните сметаат дека мерките кои ги преземаат надлежните го спречуваат ширењето на вирусот, додека 17,9 отсто не се убедени во тоа.
Помалку од половина од анкетираните сметаат дека македонското здравство има ресурси за да се справи со кризата. Ваков став делат 41,2 отсто од анкетираните, додека 35,2 проценти се убедени во спротивното.
Повеќе од 40 отсто од анкетираните граѓани велат дека се задоволни од начинот на кој се врши тестирањето за присуство на корона вирусот, додека 33,8 отсто велат дека не се задоволни, а 25,5 проценти немаат одговор на ова прашање.
Повеќе од една третина од анкетираните очекуваат нормализација на состојбата до крајот на мај.
Граѓаните и натаму најмногу стравуваат од економската криза предизвикана од корона вирусот. Ваков став имаат 33,5 отсто од анкетираните, што е благо намалување во однос на оние 38,8 отсто кои економската криза ги загрижуваше најмногу во мартовската анкета.
11,8 отсто стравуваат од колапс на здравствениот систем, 10,1 отсто од недостаток на храна и лекови, 8,5 отсто од рестрикциите на социјалниот живот и 7,6 отсто од губењето на работното место.
Во однос на земјите од регионот, граѓаните во мнозинство сметаат дека нема некоја разлика во начинот на кој Македонија се справува со кризата. Ваков став имаат 49 отсто од анкетираните, 23,6 отсто сметаат дека земјава се справува подобро, а 17,1 проценти полошо од соседните земји.