Етничките Албанци повеќе се склони да веруваат дека реформите можат да се спроведат без надворешен притисок во однос на етничките Македонци
Граѓаните се сомневаат дека Владата има капацитет да ги спроведе потребните реформи во земјава без надворешен притисок. Анкетата што ја спроведоа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и телевизија Телма покажа дека 56,1% од испитаниците воопшто или до некаде не се согласуваат со изјавата дека реформите можат да се спроведат без надворешен притисок.
За разлика од нив, 42,1% целосно или до некаде се согласуваат дека властите имаат капацитет за спроведување реформи. Етничките Албанци повеќе се склони да веруваат дека реформите можат да се спроведат без надворешен притисок во однос на етничките Македонци.
Владата пред крајот на годината го најави планот наречен „Акција-21“, за европски стандарди дома. Планот е одговор на блокадата за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, предизвикана од барањата на Бугарија.

Повозрасните повеќе веруваат во капацитетите на Владата
Анкетата покажува дека мнозинството граѓани сметаат дека властите немаат капацитет за реформи во судството.
„Ова бил одговорот на над две третини (68,5%), додека околу една четвртина или 26,0%, рекле дека Владата има капацитет за вакви реформи. Повозрасните повеќе веруваат во капацитетот на Владата за спроведување на реформи во судството. Околу десетина процентни поени е разликата кај крајните категории, односно, кај најмладите, оние од 18 до 29 годишна возраст, 23,4% препознале капацитет за реформи во судството за разлика од 33,0% кај оние над 65 годишна возраст“,
објави МЦМС.
Во однос на реформите за борба против корупција, 71,8% од испитаниците рекле дека сметаат дека Владата нема капацитет за справување со корупцијата во државата, додека 23,4% сметаат дека има.

Граѓаните песимисти за иднината на ЕУ
Ставовите на граѓаните за иднината на Европската Унија се песимистички. За нијанса е поголем бројот на испитаници кои сметаат дека ЕУ веројатно ќе успее да ги надмине сегашните проблеми но, се повеќе ќе се затвора и се потешко ќе прима нови членки (30,2%) од оние кои сметаат дека во иднина, ЕУ ќе се среќава со се поголеми проблеми и поверојатно е дека потполно ќе се затвори, дури и распадне, отколку дека и понатаму ќе се проширува и зајакнува (29,5%).
„Во двете најчесто избрани изјави клучно е се поголемото затворање на ЕУ за прием на нови членки. Малку повеќе од четвртина од испитаниците (26,9%) се одлучиле за изјавата ‘ЕУ ќе ги надмине сегашните проблеми и понатаму ќе се шири, а пред неа е добра иднина’“,
објави МЦМС.
Анкетата, за МЦМС и Телма ја спроведена од „М-проспект“. Анкетирањето на граѓаните е направено преку телефонска анкета во периодот од 16 до 24 декември 2020 година. Анкетата е направена на национално репрезентативен примерок од 1 000 испитаници постари од 18 години.
