Подготвени сме да се справиме од евентуален економски шок предизвикан од коронавирусот, рече министерката за финансии Нина Ангеловска во вечерашното гостување на „Топ Тема“.
Според неа, ситуацијата со вирусот е неизвесна во глобални рамки, не се знае кон што ќе води и поради тоа не може да се квантифицираат евентуалните влијанија врз државната каса.
„Македонската економија од аспект на Буџетот е подготвена да се справи со евентуалната глобална криза поради корона вирусот. Сценарија за тоа како ќе делуваме немаме креирано, но имаме разгледано што би презеле и што другите земји ќе преземат. Ниту една земја нема излезено со анализа и конкретен план што ќе прави, туку сите се на штрек. Работите се менуваат на дневна основа и треба брзо да се реагира“,
истакна Ангеловска.
Поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, рече дека не е паметно на надеж да темелиме очекувања дека ќе можеме да се справиме со посериозни последици од коронавирусот.
„Надежта дека нема да се случи поголем шок не е план, треба да имаме план. Оваа пандемија го забрзува надоаѓањето на глобалната рецесија за која има навестувања уште од лани, а во услови на голем, екстремен шок, приходите многу брзо може да колабираат, извозот исто, економската активност замира. Можна е и слаба реализација на приходите. Треба да сме подготвени и за најсериозното сценарио зашто може да се случи и некои компании да престанат со работа, да се најдат во неликвидност“,
рече Славески.