„Мигови го делеа Куклиш од голема трагедија. Но, со навремена интервенција се заштитени домовите и имотот на граѓаните“, велат на Фесбук струмичките пожарникари
Во текот на вчерашниот ден во земјава повторно биле регистрирани над 30 пожари на отворен простор, што според Ангелов, покажува дека бројот на пожарите не се намалува
Пожарот што синоќа избувнал во атарот на струмичкото село Куклиш се приближил до првите куќи и претставувал сериозна закана за домовите и земјоделските површини во околината, информира денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

„Пожарот што се одвиваше во атарот на село Куклиш го загрози ова село. Дојде до првите куќи, но благодарение на храбрата и пожртвувана реакција на струмичките пожарникари, со поддршка на радовишките и валандовските пожарникари, беше спречена катастрофа којашто можеше да се случи во ова село“,
рече Ангелов.
Во однос на пожарот на планината Жеден, Ангелов информира дека огнената стихија се шири во правец на селото Радуша, но во моментов нема директна опасност за населените места.
„Гори на тешко пристапен, карпест терен, каде што има трева, грмушки и трња. Во овој момент пожарот не загрозува ниту едно село. Очекувам во текот на денешниот ден тетовските пожарникари од тетовска страна и скопските од скопска страна да го стават под контрола и да го изгаснат. Во текот на вчерашниот ден на овој пожар работеа и неколку ‘Пинцгауери‘ на Дирекцијата со огнените тимови. Истите и денес се ставени на располагање како поддршка на скопските и тетовските пожарникари“,
кажа тој.

Според него, во текот на вчерашниот ден во земјава повторно биле регистрирани над 30 пожари на отворен простор, што покажува дека бројот на пожарите не се намалува.
Упати апел до граѓаните за максимална претпазливост, бидејќи, како што додаде, доволна е само една искра за вистинска катастрофа.
„Иако за денес попладне и утре попладне синоптичарите предвидуваат локални врнежи, сепак вегетацијата е премногу сува и затоа треба да се внимава“,
вели Ангелов.
Струмичките пожарникари објавија видео од пожарот во Куклиш
На фејсбук-профилот на струмичките пожарникари е објавено видео од гаснењето на пожарот што ја зафатил периферијата на Куклиш.
Поради екстремно силниот ветер, како што пишува во објавата, огнот се приближил до првите куќи и оранжерии.
Благодарение на брзата и координирана интервенција на пожарникарите-спасители, пожарот бил ставен под контрола и било спречено неговото понатамошно ширење.
„Мигови го делеа Куклиш од голема трагедија. Но, со навремена интервенција се заштитени домовите и имотот на граѓаните“,
се вели во објавата на Фејсбук.
Во утринскиот пресек на Центарот за управување со кризи (ЦУК) се вели дека од вкупно регистрирани 31 пожар на територијата на земјава, изгаснати се 25, еден е ставен под контрола, а пет се се уште активни.
Активни се пожарите во општините Студеничани, Зелениково, Сарај, Чашка, Јегуновце и Прилеп.
Под контрола е ставен пожарот на подрачјето на општините Гостивар и Македонски Брод.
