Покрај „ер тракторите“, Ангелов вели дека на располагање се и по два армиски и полициски хеликоптери, како и 935 професионални пожарникари и нешто повеќе од 110 доброволци
Оваа година имаме три авиони „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување кои се користат за гаснење на пожари. Од нив едниот е функционален, а другите два треба да пристигнат во земјава во секој момент и се веќе сервисирани, информираше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција на која ги презентираше ресурсите кои ги поседува централната и локалната власт за справување со пожари.
Покрај „ер тракторите“ Ангелов вели дека на располагање се и по два армиски и полициски хеликоптери.
„Двата армиски хеликоптера имаат ограничување бидејќи се тешки воени летала и во најжешките часови кога и пожарите се најсилни не може да се користат бидејќи не е безбедна нивната употреба за екипажот“,
рече Ангелов.
Исто така, на располагање, како што рече Ангелов, се и два полициски хеликоптери со можност и трет да биде ставен во функција.
„Оваа година на располагање имаме 935 професионални пожарникари и нешто повеќе од 110 доброволни пожарникари, поголем дел од нив имаат и соодветна опрема, и имаме неколку противпожарни доброволни друштва со сопствени возила“,
додаде Ангелов.
Тој информираше дека има вкупно 69 навални возила и 86 цистерни кои може да бидат од шест до девет тона со сопствени пумпи, едно хемиско возило, 17 автомеханички скали, три хидраулични платформи и 38 противпожарни возила за гасење на шумски пожари, 53 теренски возила, 11 товарни возила, шест команди возила, 17 возила за превоз на луѓе и опрема, 121 пумпа и 863 лични заштитни комплети.
Според Ангелов, авионите и хеликоптерите не ги гаснат пожарите. Тие, како што вели тој, можат да помогнат во гаснењето на пожарите, но додека пожарникарска чизма не стапне на местото на пожарот тој не е изгаснат.
„Ако порано сметав дека специјалците се едни од најхрабрите луѓе затоа што се подготвени да се борат, сега можам слободно да кажам дека тоа се пожарникарите“,
додаде Ангелов.
Ангелов рече и дека како Центар за управување со кризи на располагање имаат алатка за прогнозирање на опасноста од пожари – Македонски информационен систем за пожари.
Ангелов потенцираше дека 90 отсто од причинителите на пожарите е човековиот фактор и испрати апел овој период од годината да не се пали оган на отворено или во шума.
Моментната состојба со пожарите во Македонија, Ангелов ја оцени како добра и барем засега ги немаме и покрај високите температури, со исклучок на неодамнешниот во Штип.
Една од причините што нема големи пожари, како што рече Ангелов, е влажната вегетација. Од друга страна, вели тој, обилните врнежи предизвикаа бујна и висока трева, што деновиве веќе е сува, па се очекува да постигне голема сувост и да претставува лесно запалив материјал.
Ангелов ги поздрави и граѓаните што ги почитуваат мерките и упати низа препораки.
„Особено апелираме до пушачите кои се движат во природа, во планините, да бидат исклучително внимателни при фрлањето на цигарите, најдобар начин тие да бидат изгаснати во мало шише со вода. Апелираме да не се користат плински уреди, кои понекогаш планинарите знаат да ги користат за варење на кафе. Апелираме до сточарите да не ги палат пасиштата, и до земјоделците да не ги палат стрништата“,
рече Ангелов.
Како што информираше, во 2020 година штетите од пожарите финансиски се проценети на околу 21 милион евра, додека во 2021 кога беа големите пожари во Малешевијата, но и генерално на територијата на целата држава, штетата беше околу 38,2 милиони евра.
„Ако на тоа ги додадеме и трошоците за гасење на пожарите, тогаш штетата за државата уште повеќе се зголемува. Минатата година штетата беше значително помала и е проценета засега на два милиони евра. Напорот да се менаџираат пожарите на еден друг начин, давањето се од себе од страна на државата и луѓето кои што работат на превенција и на гасење на пожарите даде резултати, со тоа што се надеваме дека оваа година сме уште поподготвени и ќе можеме да ги изменаџираме пожарите со уште помали штети“,
рече Ангелов.