Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од седум години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето, велат од Лекарската комора
Судот на честа при Лекарската комора на седум години му ја одзеде лиценцата за работа на Ваљтон Дервиши, анестезиологот од тетовската болница кој ги снимаше и ги објави на Тик-ток пациентките од одделението за гинекологија и акушерство.
„Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од седум години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето. Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на Лекарската комора, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика“,
соопштија од Лекарската комора.
Оттаму велат дека почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдневно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите.
„И најстручниот лекар не е доволно добар лекар, доколку не ги почитува етичките норми и правила. Лекарската комора, како професионално здружение на сите доктори на медицина во нашата земја, нема да дозволи дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата. Со денешната Одлука органите на Комората како легитимни претставници на сите нејзини членови испраќаат порака дека лекарите веруваат во етичките вредности и правила и силно ќе се залагаат за нивно доследно почитување во работата“,
стои во соопштението од Лекарската комора.
Одлуката во изјава за медиумите ја коментираше и министерот за здравство, Фатмир Меџити, кој порача дека „од тука веќе настапува Обвинителството и судскиот процес“.
Пред два дена, Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинение против анестезиологот кој во тамошната болница снимаше пациентки и видеото го објави на Тик-ток. Анестезиологот се товари за несовесно работење во службата, како и за неовластено снимање.
„Во спроведената претходна постапка беа прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што очигледно постапил несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права“,
соопшти Обвинителството.
Откако докторот веќе беше приведен, министерот за здравство Фатмир Меџити изјави дека според негови информации уапсениот анестезиолог од тетовската болница, кој беше приведен откако снимал и емитувал пациенти во живо на Тик-ток, и претходно имал несовесно однесување.
„Ова однесување на анестезиологот не било испитано и санкционирано од причина што во болницата не била формирана дисциплинска комисија. Јас добив непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот од Тетово, но немаше ништо запишано и претходно не била покрената никаква постапка, дисциплинска или каква било друга“,
изјави тогаш Меџити.