Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинение против анестезиологот кој во тамошната болница снимаше пациентки и видеото го објави на Тик-ток.
Анестезиологот се товари за несовесно работење во службата, како и за неовластено снимање.
„Во спроведената претходна постапка беа прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што очигледно постапил несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права“,
соопшти Обвинителството.
Оттаму бараат продолжување на мерката притвор за него откако претходно, на предлог на Обвинителството, Судот во Тетово му одреди осумдневен притвор.
Скандалот со снимката на тетовскиот анестезиолог покрена лавина реакции во јавноста.
Тој е суспендиран од работа, а и Лекарската комора веќе отпочна постапка за одземање на лиценцата поради кршење на етичкиот кодекс на лекарите.