Освен дигитално, додаде министерот за дигитална трансформација, услугите на државата се приближени до граѓаните и физички, со отворање на центри за услуги, чиј број до 2024 година изнесуваше пет, а сега се 16. Додава дека во периодот од 2020 до 2023 година во овие центри годишно биле услужени 1 800 граѓани, а во 2025 година нивната бројка изнесува 11 000
Во изминатите две години поднесени се над 340 000 барања преку Националниот портал uslugi.gov.mk, преку кој граѓаните можат целосно дигитално да добијат извод од матична книга на родени, венчани и умрени, уверение за државјанство, потврди за неосудуваност, одобрение за набавување оружје и десетици други услуги.

Ова денеска го изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој даваше отчет за сработеното во изминатите две години откако е на функцијата.
Токму порталот uslugi.gov.mk, како што рече Андоновски, е првата и најважна направена промена во претходните две години. Министерот вели дека порталот со години бил недоволно развиен и користен, што сега е променето.
„Бројот на електронски услуги на порталот се зголеми од 120 во 2024 година на 352 во 2026 година. Тоа е раст од 193 проценти. Месечниот број на издадени услуги се зголеми од 1 354 на 13 445. Тоа е раст од 892 проценти. Речиси деветпати поголем број на издадени услуги. Бројот на корисници порасна од 110 000 на 235 000, а вкупниот број на поднесени барања се зголеми од 64 000 на над 340 000. Само во 2025 година беа регистрирани повеќе од 92 000 нови корисници — повеќе од вкупниот број нови корисници во 2020, 2021 и 2022 година заедно“,
рече министерот за дигитална трансформација на денешната прес-конференција.
Освен дигитално, додаде Андоновски, услугите на државата се приближени до граѓаните и физички, со отворање на центри за услуги, чиј број до 2024 година изнесуваше пет, а сега се 16. Додава дека во периодот од 2020 до 2023 година во овие центри годишно биле услужени 1 800 граѓани, а во 2025 година нивната бројка изнесува 11 000.
За граѓаните да не бидат курири меѓу институциите, додаде Андоновски, инвестирано е во Платформата за интероперабилност преку која институциите меѓусебно разменуваат податоци.
„Во периодот од 2016 до 2024 година, на Платформата биле приклучени вкупно 48 институции. Бројот на институции поврзани на платформата го зголемивме на 89 во 2026 година. Месечниот број на трансакции се зголеми од околу 708 000 на речиси 4 милиони трансакции месечно, што е раст од 460 проценти. Ова е една од најважните реформи, иако можеби не е највидлива за јавноста. Но токму таа овозможува помалку документи, помалку шалтери и побрзи услуги. И мораме да забрзаме со нејзина употреба“,
рече Андоновски.
Осврнувајќи се на реформската агенда, министерот за дигитална трансформација рече дека во изминатиот период се донесени клучни закони – Законот за електронски комуникации, Законот за сајбер безбедност, Законот за електронско архивирање, Законот за воведување дигитален паричник и дигитален идентитет. Државата, вели Андоновски, ги заврши и своите домашни обврски во однос на моделот „роаминг како дома“.
Во однос на кибербезбедноста и безбедноста на децата, министерот вели:
„За првпат, државниот центар за одговор на киберинциденти е примен во светската организација FIRST. Инвестиравме два милиони евра во опрема, обука на професионалци и меѓународна соработка. Во истиот контекст, воспоставивме и механизам за блокирање нелегални приредувачи на игри на среќа онлајн. Формиран е и Националниот центар за побезбеден интернет за деца — МкСафеНет, поддржан од програмата Дигитална Европа со повеќе од 700 000 евра. Целта е да обезбедиме побезбедно дигитално искуство за младите преку едукација, превенција, алатки, совети и механизми за пријавување злоупотреби.“
Андоновски вели дека во изминатите две години е ставен фокус и на поголема транспарентност на веб-страниците на Владата и министерствата, преку систем за подобра видливост на јавните набавки, огласите за вработување, вестите и ифнормациите од институциите.
Најновиот проект на Министерството – формирањето на Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“ во соработка со ФИНКИ, вели Андоновски, има за цел да развие голем јазичен модел на македонски јазик, да се дигитализира македонскиот јазичен корпус и да се овозможи примена на вештачката интелигенција во енергетика, јавна администрација, култура, здравство и земјоделство.
