Во ниеден момент нема да се сечат дрвја или да се уништува животната средина за да се градат центри за податоци, рече министерот за дигитална трансформација на денешната прес-конференција обвинувајќи дека наводите за уништување на природата се теории на заговор и желби на одредени поединци да создадат лажна хистерија во општеството
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски уверува дека најавената изградба на центри за податоци, познати како дата-центри, нема да имаат никакво негативно влијание врз животната средина.

Во ниеден момент нема да се сечат дрвја или да се уништува животната средина за да се градат центри за податоци, рече Андоновски на денешната прес-конференција обвинувајќи дека наводите за уништување на природата се теории на заговор и желби на одредени поединци да создадат лажна хистерија во општеството.
„Постојат дискусии и дебати на темата за поволностите и недостатоците на изградба на големи погони. Она на што се размислува е центрите за податоци да бидат сместени во индустриски зони, во технолошко-развојните зони и на места на кои веќе има постојни фабрики – браунфилд-инвестиции. Во ниеден момент нема да ја компромитираме животната средина со каква било инвестиција што би се случила во државата“,
рече Андоновски на денешната прес-конференција.
Министерот вели дека секоја градба мора да помине елаборат за животна средина, особено, како што рече, кога станува збор за странски инвестиции.
„Во консултации со сите релевантни експерти кои се однесуваат на ИТ, машинство, индустрија – нема човек што зборува против изградба на центри за податоци. Но, нема да направиме ниеден чекор што ќе значи злоупотреба или загрозување на водата, животната средина, воздухот“,
додаде Андоновски.
