Министерот оцени дека Западен Балкан располага со значителен потенцијал за дигитален развој, посочувајќи на силниот човечки капитал, динамичниот ИКТ-сектор и стремежот на земјите од регионот кон целосна интеграција во европскиот и трансатлантскиот дигитален простор
На конференцијата се обрати и економскиот аташе во Амбасадата на САД во Скопје, Барнабас Биркланд, кој предупреди дека земјите од Западен Балкан се наоѓаат пред важен избор во ерата на вештачката интелигенција, односно или да учествуваат или да бидат оставени зад себе
Дигиталната трансформација веќе не е само прашање на модернизација, туку претставува клучен предуслов за економска конкурентност, национална безбедност, институционална отпорност и јавна доверба, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на отворањето на конференцијата „Акцелератор за дигитална трансформација на Западен Балкан“, која се одржува во Скопје во организација на Амбасадата на САД, во име на Бирото за киберпростор и дигитална политика (ЦДП) при Стејт департментот.

Според него, инфраструктурата што се гради денес директно ќе влијае врз пристапот на граѓаните до услуги, конкурентноста на компаниите и безбедноста на општествата во иднина.
„Дигиталната трансформација веќе не е само прашање на модернизација. Таа е прашање на економска конкурентност, национална безбедност, институционална отпорност и јавна доверба“,
рече тој во обраќањето на конференцијата.
Оцени дека Западен Балкан располага со значителен потенцијал за дигитален развој, посочувајќи на силниот човечки капитал, динамичниот ИКТ-сектор и стремежот на земјите од регионот кон целосна интеграција во европскиот и трансатлантскиот дигитален простор.
„За остварување на овие цели неопходни се доверлива дигитална инфраструктура, стабилна регулаторна рамка и силно партнерство со демократските сојузници“,
вели Андоновски.
Во освртот на националните политики, министерот нагласи дека дигиталната трансформација е меѓу клучните реформски приоритети на Владата. Целта, како што рече, е граѓаните и компаниите директно да ги почувствуваат придобивките преку намалување на бирократијата, зголемување на транспарентноста и подобрување на отчетноста на институциите.
Во делот на кибербезбедноста, Андоновски најави законски измени со кои по првпат ќе бидат воведени стандарди за набавка на доверлива ИКТ-опрема. Тој најави и презентација на проектот „Visual Tech“, развиен во соработка со академската заедница.
Министерот ја потенцира и важноста на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави (САД), оценувајќи дека соработката е од суштинско значење за дигиталниот развој на регионот.
На конференцијата се обрати и економскиот аташе во Амбасадата на САД во Скопје, Барнабас Биркланд, кој предупреди дека земјите од Западен Балкан се наоѓаат пред важен избор во ерата на вештачката интелигенција.
„Северна Македонија и Западен Балкан се наоѓаат во клучен момент. Револуцијата на вештачката интелигенција е веќе во тек. Земјите мора да направат избор – или да учествуваат или да бидат оставени зад себе“,
рече тој.
Според него, развојот на телекомуникациските мрежи, 5Г-технологиите, центрите за податоци и облак-решенијата претставува основа за дигиталната трансформација, додавајќи дека американските технологии и компании имаат значајна улога во глобалниот развој на вештачката интелигенција.
Конференцијата „Акцелератор за дигитална трансформација на Западен Балкан“ претставува форум на кој претставници на владите, индустријата и технолошките компании од регионот дискутираат за можностите и предизвиците на дигиталната трансформација, со цел поттикнување на економскиот раст преку иновации и зајакнување на регионалната соработка.
Во рамките на дводневниот симпозиум учесниците имаат можност да разменат искуства со меѓународни експерти, да воспостават нови партнерства и да иницираат соработки во областа на дигиталната трансформација и развојот на дигиталните капацитети во регионот.
