Од некогашните изјави дека договорот е капитулантски, дека го менува идентитетот и дека тој никогаш нема да ја изговори придавката во името, преку ставот дека ќе го ревидира Договорот од Преспа ако освои двотретинско и Бадентерово мнозинство на изборите, Мицкоски на денешната прес-конференција евентуалната промена ја остави за некоја идна генерација
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, последнава недела ја смени реториката за Договорот од Преспа. Во неколкуте изјави на оваа тема тој користи внимателно одбрани зборови со кои се обидува да одржи континуитет со претходно искажаните ставови, некои фрази познати од минатото воопшто не ги спомнува, а додава нови (фрази) со кои ги намалува очекувањата на овој план по евентуално доаѓање на власт. Во надолното степенување, Мицкоски на денешната прес-конференција стигна до таму што можната промена на Договорот од Преспа ја остави за некоја идна генерација.
„Единствен проблем во оваа држава не е Договорот од Преспа. Јас би сакал да зборувам повеќе за ‘Луј Витон’ ташните, за оној скандалозен избор на врховни судии во текот на вчерашниот ден, за бизнис-интересите на фамилијата, за 106. место на Транспаренси Интернешнл, за ‘Економист’ каде сме водечки во одлив на мозоци, за хибриден режим, за тоа колку медиуми се затворени, тоа е реалноста. Исто како што реалноста е тоа што вие го кажавте (н.з. Договорот од Преспа). Ние не можеме да ја игнорираме оваа реалност. Но, онаа неправда што е нанесена и која чувствуваме дека е неправда, демократски и европски е да се бориме да ја смениме. Дали ќе успееме, времето ќе покаже. Дали ние ќе успееме или некоја идна генерација, времето ќе покаже. Сигурно и нашите предци кога се бореле за сопствена држава, исто сонувале, гинеле, војувале и во туѓи војски за да создадат држава овдека. Еден век потоа, се создала таа држава. Не можете да им забраните на луѓето да сонуваат, оставете ги нека сонуваат и нека се борат да ја исправат неправдата што мислат дека им е нанесена“, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата во партиското седиште.
Уште еден сегмент од истата прес-конференција оди во прилог на анализата за промената во јавниот пристап на Мицкоски кон темата за името. Тој воопшто не соопшти став за потегот на министерката во техничката влада, Рашела Мизрахи, избрана на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, со враќањето на паното во Министерството за труд и социјална политика со претходното уставно име.
*поврзана вест Мицкоски не соопшти став за враќањето на таблата со името Република Македонија од министерката Мизрахи
„Би ве охрабрил прашањето да го упатите директно до министерката и убеден сум дека ќе добиете вистински одговор“, рече Мицкоски, избегнувајќи да се произнесе за одлуката на Мизрахи.
Мицкоски подолго не повторил: Никогаш „Северна“
Во последните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не можат да се слушнат оценките што ги изнесуваше во 2018 и 2019 година за Договорот од Преспа. На пример, дека станува збор за капитулантски и штетен договор, кој го менува (институционалниот) идентитет и чии негативни последици допрва ќе ги чувствуваме.
Мицкоски одамна јавно не кажал и дека никогаш од неговата уста нема да слушнеме да каже „Северна Македонија“. Во април минатата година, гостувајќи на ТВ 21, беше прашан како ќе ја нарекува земјава ако утре биде премиер.
„Грев ли е да викам Македонија? Нека ми го земат мандатот. Кажувам отворено, никогаш нема да ја кажам придавката на новото име. Никогаш, нека ми го земат и мандатот“, беше одговорот на Мицкоски.
Сега овој речник не може да се слушне во настапите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Што (кој) го смени тонот кај Мицкоски?
Промената во реториката на Христијан Мицкоски на темата Договор од Преспа временски коинцидира со наближувањето на изборите, со интервјуто на американската амбасадорка Кејт Брнс за ТВ Сител и посетата на еврокомесарот Оливер Вархеји на Скопје.
Избори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се чини станува свесен дека со неприфаќање и негативен однос кон Договорот од Преспа, ако по изборите дојде во позиција да преговара за формирање влада, многу тешко ќе најде партнер меѓу партиите на Албанците.
Но, омекнатата реторика носи друг ризик за Мицкоски: како тоа ќе го разберат неговите поддржувачи и особено гласачите со крајно десничарски ставови и што ќе значи тоа за нивната одлука на 12 април? Мицкоски тешко ќе може да продолжи да седи на две столчиња.
Брнс и Вархеји
Амбасадорката на САД, Кејт Брнс, во интервју за ТВ Сител на 30 јануари имаше директна порака до ВМРО-ДПМНЕ за односот кон Договорот од Преспа. Најавите за негова ревизија од опозициската партија, според амбасадорката, предизвикуваат вистинска загриженост и граѓаните не треба да бидат збунети или заведени за тоа колкав е влогот во тој процес.
*поврзана вест Амбасадорката на САД: ВМРО-ДПМНЕ да не ги заведува граѓаните за значењето на Договорот од Преспа
На ваквата порака, Мицкоски коментираше дека изјавата на амбасадорката се толкува несоодветно кај дел од јавноста. Предупредувањето на Брнс, според Мицкоски, било во насока на тоа Договорот од Преспа да не се злоупотребува во изборни цели зашто земјава има многу посуштински проблеми.
Еврокомесарот Оливер Вархеји, пак, кој беше во Скопје на 15 јануари, порача дека договорите со Грција и со Бугарија остануваат клучни за европската иднина на земјава и дека нивната имплементација мора да продолжи без разлика кој ќе ја води идната влада.
*поврзана вест Вархеји: Законот за ЈО е приоритет, клучни се и договорите со Грција и Бугарија (ВИДЕО)
Во партиското соопштение од средбата на Мицкоски со Вархеји пишуваше дека „ВМРО-ДПМНЕ има план да ја стави земјата на брза лента за ЕУ“. Но, во соопштението немаше ништо за ставот на партијата за двата договара во моментов и во иднина.