И Амзоски, како и бизнисменот Лога, кажа дека кога оделе на средбите во „Меѓународниот сојуз“ ги гледале обвинета експратеничка Фросина Ременски, како и Александар Кирацовски
На почетокот не верував дека сум измамен, најискрено, верував дека сум направил деловна соработка, не ни помислив на тоа и само терав напред. Но, како што одминуваше времето, и сега кога веќе работите се вакви какви што се, се чувствувам измамен, рече бизнисменот Ардијан Амзоски од фирмата „Дрим билдинг“, во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје каде што се појави како сведок во предметот „Меѓународен сојуз“.
И тој, како и неговиот партнер Ресул Лога претходно денеска, кажа дека за проектот за европски центри за возрасни лица на Бојан Јовановски-Боки 13 во кеш му дале 350 000 евра, што било услов за да го добијат проектот. Неговата фирма „Дрим билдинг“ требало да гради во Карпош и, според договорот, тие имале обврска да го изградат комплексот, а претставниците на „Меѓународен сојуз“ да им обезбедат државно земјиште кое би го купиле за 1,5-1,8 евро за квадрат, да обезбедат да не се плаќаат комуналнии, како и градежна дозвола…
Откако бил потпишан главниот договор на крајот на декември 2017 година, „Дрим билдинг“ требало да плати 25 проценти од договорената сума, па преку Авторска агенција исплатила 15 милиони денари, а потоа уште еден милион и 103 илјади денари на заменик-претседателката на невладината, Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ.
И Амзоски, како и Лога, кажа дека кога оделе на средбите во „Меѓународниот сојуз“, ги гледале обвинета експратеничка Фросина Ременски и Александар Кирацовски.
„Секогаш на средбите беше Бојан, Јасна Мандиќ беше скоро секогаш, а на одредени состаноци присуствуваше и Фросина Ременски. Еднаш-двапати беше и Александар Кирацовски, кој ми кажа дека овој проект ќе успее“,
рече Амзоски.
Токму присуството на функционерите, како што рече, му било важно за да стекне доверба.
„Планот беше добар, локацијата беше добра, посебно и најбитно ми беше што сето тоа беше поддржано од лица што беа функционери“,
рече бизнисменот.
Нивното присуство, сведочеше тој, „било доволно за да сфатам дека ова нема да испадне како што всушност испадна на крајот, а каде заглави работата, не знам.“
Амзоски рече дека откако истекол рокот од 180 дена во кој Меѓународниот сојуз требало да ги заврши обврските, почнал да бара да му се вратат парите и верувал дека Боки ќе ги врати.
Така, обвинетиот Јовановски во неколку наврати му враќал пари и вкупната сума што ја добил назад била 155 000 евра.
„Сето тоа траеше неколку месеци, знаев дека ако почнам постапка тоа ќе трае уште неколку месеци и години, а на овој начин полека ми ги враќаше парите. Со Бојан немавме некој однос во кој се расправавме сѐ додека не го притворија, тогаш знаев дека никогаш нема да ги земам парите и дека тоа е изгубена инвестиција. Тогаш ангажирав адвокат, за да почна граѓанска постапка“,
сведочеше бизнисменот.
Исто така, како причина зошто не презел ништо, Амзоски рече дека било и тоа што добивал ветувања од Јовановски дека некој друг бизнисмен ќе го преземе проектот и на тој начин ќе си ги добие парите. Еден од нив, според тоа што му кажал Боки, бил Дејан од „Пелистерка“.
„Потоа, кога го уапсија татко му, сфатив дека нема ништо да биде, па бев повторно кај Бојан. Ми врати некоја рата од моите пари, па ми кажа дека му треба уште малку време и дека преговарал со Камчев за тој влезе во проектот да ја преземе целата платформа“,
рече Амзоски.
Амзоски беше претпоследниот сведок што го предлага Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со цел да докаже дека постоела измама со проекти за старски домови. Уште еден сведок кој останува е бизнисменот Силјан Мицевски, кој треба да сведочи на наредното рочиште на 29 април. Потоа, судскиот процес треба да продолжи со докази на одбраната.
Во предметот Бојан Јовановски-Боки 13 е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и асистенката Блажевска, пак, се обвинети за помагање во овие дела, а Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.