Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, по влажни коловози, а слаби врнежи од снег има на Маврово и Попова Шапка, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.