Според организацијата за човекови права, Израел извршил дејствија забранети со Конвенцијата за геноцид, односно, убивање, нанесување сериозни телесни или ментални повреди, како и наметнување услови за живот чија цел е да доведат до физичко уништување на Палестинците на оваа територија
Организацијата за човекови права „Амнести интернешнл“, во извештај објавен денеска, го обвини Израел за геноцид врз Палестинците во Појасот, наведувајќи дека израелската војска намерно извршила воени злосторства врз цивилното население во енклавата.

Ова е првпат „Амнести“ да го обвини Израел за геноцид за време на тековниот конфликт, а нивниот извештај, како што наведува „Гардијан“, се надоврзува на мартовскиот извештај на специјалниот известувач на Обединетите нации за Палестина, кој заклучи дека „постојат разумни основи да се верува дека“ Израел извршил геноцид врз Палестинците.
Во извештајот на 32 страници, кој ги испитува настаните во Газа од октомври 2023 до јули 2024 година, се наведува дека Израел „дрско, континуирано и целосно неказнето предизвикал пекол“ за 2,3 милиони жители на Појасот, притоа посочувајќи дека ужасните злосторства против Израелците сторени од Хамас на 7 октомври лани, што беа повод за почеток на војната, не го оправдуваат геноцидот во Газа.
Според „Амнести интернешнл“, Израел извршил дејствија забранети со Конвенцијата за геноцид, односно, убивање, нанесување сериозни телесни или ментални повреди, како и наметнување услови за живот чија цел е да доведат до физичко уништување на Палестинците на оваа територија.
„Нашите наоди мора да послужат како повик за будење. Ова е геноцид и мора да престане сега“,
изјави генералната секретарка на организацијата, Ањес Каламар, на прес-конференција одржана вчера.
Главните наоди во извештајот на „Амнести интернешнл“ се:
- невидениот размер и големина на воената офанзива, која предизвика смрт и уништување со брзина и ниво што не се споредува со кој било друг конфликт во 21 век;
- намерата за уништување, откако ќе се разгледаат аргументите за израелската непромисленост и бесчувствителното непочитување на животот на цивилите во потерата по Хамас;
- убиство и предизвикување сериозни телесни или ментални повреди при континуирани директни напади врз цивили и цивилна инфраструктура, или намерни недискриминирачки напади; и
- предизвикување услови за живот, како што се уништување медицинска инфраструктура, опструкција на помош и повеќекратна употреба на произволни и опсежни наредби за евакуација, кои пресметано треба да доведат до физичко уништување на Палестинците во Појасот.
Во контекст на овие наводи, се потсетува дека најмалку 47 лица, меѓу кои и четири деца, беа убиени во вторникот, од кои 21 биле засолнати во шаторски камп за раселени лица во градот Кан Јунис, каде што израелската војска почна голема офанзива.
Amnesty International’s new landmark report concludes that Israeli authorities have committed – and still are committing – genocide against Palestinians in the occupied Gaza Strip.
— Amnesty Centre for International Justice (@AmnestyCIJ) December 5, 2024
Full report, out now.https://t.co/vqtYYKahAS#EndGazaGenocide
„Амнести интернешнл“ истовремено ги повика Обединетите нации да спроведат прекин на огнот во Појасот и да воведат санкции кон израелските и највисоките функционери на Хамас, а владите на западните земји, како САД, Велика Британија и Германија да престанат да обезбедуваат безбедносна помош и да продаваат оружје на Израел.
Групата за права, исто така, побара од меѓународниот кривичен суд, кој минатиот месец издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, да го додаде геноцидот на листата на воени злосторства што ги истражува.
Организацијата исто така повикува и на безусловно ослободување на цивилните заложници и бара Хамас и другите палестински милитантни групи да одговараат за ужасните злосторства извршени на 7 октомври, минатата година.
Извештајот насловен „Се чувствувате ли како потчовек: Израелскиот геноцид врз Палестинците во Газа“, како што наведува „Гардијан“, најверојатно ќе биде дочекан со гнев во Израел и ќе генерира обвинувања за антисемитизам. Неколку правни експерти и научници за проучување на геноцидот тврдат дека и нападот на 7 октомври лани бил, исто така, геноцид.