На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како маж извикува: „Веќе нема да бидам соучесник во геноцидот“, а потоа се полива со проѕирна течност и се запалува извикувајќи: „Слободна Палестина“

Маж се самозапали пред израелската амбасада во Вашингтон, соопштија американските служби за итни случаи. Како што пренесува Би-би-си, инцидентот се случил вчера околу 13 часот по локално време.
Безбедносните служби успеале да го изгаснат пожарот, по што мажот бил пренесен во болница со тешки повреди.
Американските медиуми подоцна ја цитираа портпаролката на американските воздухопловни сили дека човекот бил активен воздухопловец на американската армија.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како маж стоејќи пред портите на амбасадата вели: „Веќе нема да бидам соучесник во геноцидот“, го спушта телефонот за да се снима како се полева во проѕирна течност од метално шише. Потоа се запалува додека извикува: „Слободна Палестина!
На видеото се гледа како полицајците му приоѓаат, а може и да се слушне како велат: „Можам ли да ви помогнам, господине? Полицајците потоа се обидуваат повеќе од една минута да го изгаснат пламенот.
На местото на настанот е испратена и Единицата за деактивирање бомби поради загриженост за сомнително возило кое може да биде поврзано со лицето. Но, откако во него не биле пронајдени опасни материи, било констатирано дека возилото е безбедно.
Би-би-си пренесува дека според полициското соопштение мажот се полил со бензин, а на местото на настанот било пронајдено палестинско знаме.
„Во инцидентот нема повредени од персоналот на амбасадата“,
изјави портпаролката на амбасадата за „Њујорк тајмс“.
Во соопштението, израелското Министерство за надворешни работи рече дека човекот не ѝ бил познат на персоналот на амбасадата.
Истрагата на полицијата во Вашингтон, тајната служба и другите релевантни органи е во тек.