Американската економија официјално влезе во рецесија како резултат на глобалната пандемија од коронавирусот.
Ова се вели во последниот извештај на „Банк оф Америка“.
Документот е подготвен од аналитичари под раководство на Мишел Мејер, главен економист на банката, кои изјавија дека економијата во САД официјално е во рецесија.
Банката предвидува неизбежен раст на невработеноста и намалување на приходите на населението. Во второто тримесечје се очекува пад на економијата од 12 отсто од бруто-домашниот производ, додека за цела година се очекува пад од 8 отсто.
Аналитичарите предвидуваат многу бавно враќање кон растеж, после падот во април.
Во меѓувреме, како една од мерките за заштита од ширењето на коронавирусот, САД го стопира издавањето на визите.
Американските амбасади и конзулати сепак ќе ги разгледаат визите за итни случаи доколку имаат соодветен персонал, соопшти Стејт департментот.
„Како одговор на значајните светски предизвици поврзани со пандемијата ковид-19, Стејт департментот привремено ги суспендира визните услуги во сите амбасади и конзулати на САД“,
пишува во соопштението.
Нема одреден датум кога ќе продолжат да издаваат визи.