На овој начин, седниците се одолговлекуваат и предметот застарува. Ги повикуваме одговорните органи итно да постапат, да не дозволат вакви злоупотреби и да преземат санкционирачки и казнени мерки против експертот Зеќири, велат од АА

Отсуството на вештакот Зеќирија Зеќири на судењето за трагедијата во Ласкарци, трет пат по ред, изгледа е намерно и е на штета на правдата во овој случај. Овие сомнежи стануваат уште посериозни кога обвинителот на случајот и другите сведоци велат дека Зеќири оди на работа и се шета низ градот, се вели во реакцијата од Алијанса за Албанците (АА) за денешното судење за овој случај.
Од АА додаваат дека ваквите постапки на експертот и одложувањата на седницата ѝ се познати на јавноста и дека веќе е познат и епилогот.
„На овој начин, седниците се одолговлекуваат и предметот застарува. Ги повикуваме одговорните органи итно да постапат, да не дозволат вакви злоупотреби и да преземат санкционирачки и казнени мерки против експертот Зеќири“,
додаваат од Алијанса за Албанците.
Вештакот Зеќирија Зеќири, еден од четворицата автори на супервештачењето за автобуската несреќа кај Ласкарци пред четири години, и денеска не дојде во Основниот кривичен суд Скопје да сведочи за вештиот наод под кој го ставил својот потпис.
Недоаѓањето на Зеќири значеше дека ќе се остварат најавите на судијката која го води судскиот предмет, Дијана Груевска-Илиевска, од последното рочиште дека нема да откажува повеќе судења, туку на прашањата на обвинителот ќе одговараат некои од другите вештаци.
Денеска тоа и се случи. Но, по испитување на еден од вештаците, судењето беше прекинато. По барање на вештите лица поради замор, како и на јавниот обвинител, како што рече, „поради неподнослива атмосфера во судницата“, судечкиот совет ја прекина расправата. Следното рочиште е закажано за 21 февруари.