Незаконски одземените икони од македонските цркви случајно ги забележале нашите експерти вo 2013 година на прилог со премиерот Еди Рама на албанска телевизија
Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје
Вкупно 21 икона украдени од македонските цркви, во главно од струшкиот регион утре ќе бидат вратени во земјава од страна на Албанија во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави потпишан минатата година.
Иконите ќе бидат донесени во Музејот на Македонија, каде ќе ги преземе стручниот тим кој работел на нивно препознавање, а потоа ќе ѝ бидат вратени на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија.

Иконите потоа се очекува да бидат вратени во црквите во селата Радожда, Буринец и Селце, од каде и биле украдени.
Станува збор за икони украдени од црквите во Струшко, а кои, како што лани кажа историчарот на уметност д-р Сашо Цветковски од МАНУ, македонските експерти вo 2013 случајно преку медиумите во Албанија во ТВ-прилог за Еди Рама, забележале дека таму се украдените икони од земјава.
„Прв пат во историјата на нашата држава се прави успешна реституција на културно наследство, благодарение на добрата соработка меѓу владите и министерствата за култура на Северна Македонија и Албанија“,
посочија од Министерството за култура.
Како што појасни министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, иконите ќе бидат соодветно спакувани да не се оштетат при пренос и ќе бидат однесени во Музејот на Македонија, од каде по процесот на заштита, ќе бидат изложени.
Постапката за враќање на украдените икони од Македонија од Албанија почна во 2013 година, со интенизвни активности последните две години.
Во периодот од 2009 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони.
Само на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Струга, имало 22 пријави за „кражба“ и „тешка кражба“ на икони од цркви.
Три пријави за кривични дела „тешка кражба“ во цркви во струшко, според него, имало и во 2017 година.
„Кривичните дела се извршени во цркви лоцирани во Струга, Вевчани како и во селата Мали Влај, Радожда, Ташмаруништа, Долна Белица, Безево, Јабланица, Луково, Селци, Буринец, Модрич, Дренок… Во останатите години, пријавени се кражби од цркви со одземање пари и друг црковен прибор,
велат од СВР Струга.
Незаконски одземените икони од македонските цркви случајно ги забележале нашите експерти вo 2013 година на прилог со премиерот Еди Рама на албанска телевизија.
Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје.
По завршувањето на овој процес за враќање на 20-те украдени икони во земјава, предвидено е отварање на нов процес за враќање на уште еден контингент идентификувани икони во Албанија.