Со ова се отвора можноста овие икони да се вратат во Северна Македонија како нивна земја на потекло, откако по заплената во Албанија преминаа во сопственост на албанската држава врз основа на одлуките на албанските судови
Албанскиот парламент денеска го ратификува договорот за соработка меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија за враќање на 20 икони кои пред десетина години беа нелегално изнесени од земјава и пренесени на албанска територија.
Со ова се отвора можноста овие икони да се вратат во Северна Македонија како нивна земја на потекло откако по заплената во Албанија преминаа во сопственост на албанската држава врз основа на одлуките на албанските судови.
Одлуката за ратификација на договорот денеска ја поддржаа 73 пратеници во албанското собрание за време на пленарната седница.
„Врз основа на направената проценка, иконите се совпаѓаат со културните добра на соседната држава и врз основа на договорот Министерството за култура ќе го следи целиот процес за нивно враќање во земјата на потекло, согласно обврските дефинирани во Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година“,
стои во документот.
Во ноември минатата година на меѓувладината седница на Северна Македонија и Албанија, која се одржа во Скопје, двете земји, меѓу другите, го потпишаа и договорот за враќање на незаконски изнесените икони од земјава. Симболично, на земјава ѝ беше вратена една икона.
Во октомври 2013 година во Албанија беа запленети повеќе од илјада икони и црковни предмети, по што беше утврдено дека 20 меѓу нив се по потекло од Северна Македонија, од каде што биле прошверцувани.