Во Албанија од 1 јуни се укинува задолжителното носење заштитна маска на лицето на отворен простор, а полицискиот час се скратува за еден час и ќе трае од 23 до 6 часот.
Ова се дел од мерките што денес ги соопшти техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата по направената анализа на епидемиолошката состојба.
Претседателката на комитетот и заменик-министерка за здравство, Мира Ракацоли, рече дека комитетот оценил дека има простор да се олеснат мерките, но маските ќе останат задолжителни во затворен простор и во јавниот превоз. Кога станува збор за полицискиот час, постои опција и за дополнително скратување.
„Доколку епидемиолошката состојба продолжи да се подобрува, од 1 јули полицискиот час ќе почнува на полноќ и ќе трае до 6 часот. Исто така, ќе се дозволи одржување спортски натпревари, театарски претстави и други културни настани и конференции со намалени капацитети до 30 отсто од вкупниот капацитет“,
рече Ракацоли.
Ноќните клубови, пак, и понатаму ќе останат затворени, а од 15 јуни ќе се дозволи групирање на отворен простор на 15 наместо на 10 лица, како што е според актуелните мерки.
Здравствените власти, сепак, предупредуваат дека иако има намалување на бројките, пандемијата не е завршена и затоа е важно да се продолжи со почитување на мерките.
Одлуката на Комитетот е донесена по видно намалената бројка на нови случаи со ковид-19. Вчера по 244 дена не беше регистриран смртен случај, а бројот на новозаразени беше 15 лица или 0,5 отсто од вкупниот број тестирани.